Зошто плаќањето придонеси за хонорарите е неприфатливо?

Од:

Пред најавениот протест против законските измени за плаќање придонеси за хонорарите, кој ќе се одржи на 22. декември (понеделник), левичарското движење Солидарност, на фејсбук страницата ги објави причините за протестот.

Намерата на Владата да воведе плаќање придонеси за хонорарите од 1 јануари 2015 година ќе доведе до зголемување на сиромаштијата и до зголемување на невработеноста. Покрај тоа, изземањето на државните службеници од оваа обврска што Владата им ја наметнува на сите други смртници, без никакво логично објаснение, ја покажува целата извитопереност на вака зацртаниот концепт на плаќање придонеси за хонорарите.

Кои се нашите барања?

Нашите барања се:

1) да се стопира примената на измените на законите со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, со цел да се отвори простор за нивна измена и повлекување;

2) преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување.

3) да се покачи или целосно да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.

Кого сè ќе го загрозат законските измени?

Голем број лица во Македонија, немајќи можност за редовно вработување, се принудени да се борат за својата егзистенција работејќи за хонорар, кој најчесто не е ниту редовен ниту висок. Покрај тоа, ним не им следуваат сите оние права кои ги имаат според закон работниците во редовен работен однос. Далеку од привилегирани, овие лица се дел од прекаријатот, еден од најзагрозените делови од работништвото. Ним, кога ќе стапат на сила законските измени, работодавачите ќе им ги намалат хонорарите за со тие пари да ги платат придонесите кон државата и на тој начин ќе предизвикаат нивно дополнително осиромашување. Дури е можно, неможејќи повеќе да ги плаќаат, да ги отпуштат од работа, со што ќе се зголеми и невработеноста.

Сите лица кои се работно ангажирани и сите лица што во иднина ќе бидат работно ангажирани се загрозени од овие законски измени!

1) Загрозени се хонорарните работници во прикриен работен однос (новинари и други). Тие треба да вршат работа според договор за вработување, а не според договор за хонорар. Но, нивните работодавачи, за да заработат дополнително врз основа на неплаќање придонеси од плата, годишен одмор, боледувања итн., наместо како редовно вработени, ги ангажираат како хонорарни работници.

2) Загрозени се хонорарните работници кои по природата на работата работат хонорарно (преведувачи, ангажирани на проект и други). Во нивниот случај често не постои работодавач кој може да ги ангажира во редовен работен однос и тие се принудени од прилика до прилика, кога ја има, кога ја нема, да прибираат пари за да можат да заработат за пристоен живот, а често и тоа не го можат.

3) Загрозени се редовно вработените лица кои вршат дополнителна работа хонорарно. Тие имаат редовно вработување, а хонорарите им се дополнителен извор на финансии. Иако најмалку засегнати, и нивното осиромашување не смее да се занемари. Платите во Македонија за огромното мнозинство од населението станаа недоволни за пристоен живот. Во таква ситуација ретките прилики за хонорарен ангажман за овие лица не значат нивно збогатување, туку само нешто попристоен живот за нив и нивните семејства.

4) Загрозени се сите идни вработени и сите сегашни вработени во редовен работен однос. Новите законски измени ќе им овозможат на работодавачите, исполнувајќи си ги сите финансиски обврски кон државата, сосема легално да склучуваат договор за хонорар наместо договор за вработување со лицата кои работно ги ангажираат. Дури е можно и на своите сегашни вработени да им го сменат договорот за вработување со договор за хонорар. На тој начин, тие, без да бидат попречени од државата, кон која ќе си ги намират финансиските обврски, ќе можат да заштедат на грбот на вработените врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, надоместоци за боледување, задолжителни систематски прегледи, отпремнини за лицата кои ги отпуштаат и друго, како и да ги лишат вработените од правата гарантирани со Законот за работни односи и другите закони кои регулираат права од работен однос.

Со овие законски измени Владата сака да превиди дека најголемиот проблем на Македонија е сиромаштијата, а не зголемувањето на парите кои таа ги контролира! И понуди лек кој е полош од болеста! Решавањето на проблемите кои самата власт ги создаде кај Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и кај Фондот за здравствено осигурување не смее да биде на грбот на сиромашните и обесправените!

Би можело да ве интересира

Агенцијата за филм без критериуми исплаќала хонорари од 15.000 до 60.000 денари за рецензенти, утврдија ревизорите

Орце Костов

(ВИДЕО) Актери: Доста со овој грабеж, укинете го законот за хонорари!

Ана Ололовска

ВИДЕО: Нека го повлечат законот за хонорарци пред да си заминат од власт

Ана Ололовска

ВИДЕО: Во Уставен суд поднесени 6.400 претставки за хонорарите

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Протест на хонорарците: УА Лопови

Ана Ололовска

(ВИДЕО) АЈДЕ!: Утре сите на протестен марш – НЕ за неуставните закони за хонорарците!

Ана Ололовска