Одбележувајќи го Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај, денес во услови на светска здравствена криза, повеќе од кога и да е претходно стана јасно значењето на независното и професионално новинарство. Кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19 ги исфрли на врвот сите доблести, но и слабости на новинарството кое во изминатиот период минува низ сериозни промени и премрежја порачуваат од Здружението на новинари на Македонија по повод 3. мај.
Професионалното наспроти пропагандистичкото новинарство, денес е повеќе од било кога предизвик за сите нас, да се обидеме да го одржиме квалитетот на новинарите кои ја негуваат слободната мисла како водич, низ пречките со кои се соочува светот, но и Северна Македонија велат од ЗНМ.
„Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните. Затоа, Здружението на новинари на Македонија заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, повикуваат на солидарност и поддршка, пред сè од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во изминатата година се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот соодветно и навремено да ја информираат јавноста за случувањата поврзани со Ковид-19 пандемијата“ – стои во соопштението од Здружението на новинари.
Од Здружението потенцираат дека борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции. Но, не е само пандемијата дел од сликата за новинарството и медиумите денес. Бавниот напредок на медиумските слободи на светските листи што ги мерат овие параметри велат од ЗНМ покажува дека се потребни дополнителни напори на целата заедница во Северна Македонија, за посилен пробив кон листата на земји во кои медиумите се целосно слободни. Новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен.
Како продолжување на соработката со Мисијата на ОБСЕ во рамките на која минатата година беа распределени 150 пакети заштитна опрема од Ковид-19 до 100 медиуми, денес, по повод одбележувањето на 3. мај ЗНМ објави дека со помош на ОБСЕ обезбедиле 120 комплети од елеци и заштитни капи, кои ќе помогнат репортерите кои присуствуваат на настани со зголемен ризик да бидат попрепознатливи и на тој начин подобро заштитени.