ЗНМ-СЕММ: Саморегулација, а не регулација на онлајн медиумите во Македонија

Од:

Саморегулација, а не регулација за онлајн медиумите, предлагаат Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Како што истакнаа денеска на прес-конференција претседателот на ЗНМ Насер Селмани и Мирче Адамчевски од СЕММ, потребна е пракса во која онлајн медиумите својот интегритет ќе го гарантираат со транспарентен идентитет, а тоа се однесува на сопственоста, уредувачката структура, автори, политика на приватност…

Ставот на ЗНМ против регулација на онлајн медиумуте, според Селмани, се базира на препораката на Советот на Европа за слободата на интернет, донесена во 2016 година.

– Оваа препорака се дефинира како основно човеково право. Македонија како членка на Советот на Европа има обврска да го почитува ова право, да ја заштити и промовира секоја одлука според оваа препорака, појасни Селмани.

Зоран Ричлиев од ЗНМ кој е автор на препораките за зголемување на интегритетот и професионалноста на онлајн медиумите, рече дека факт е оти има големи злоупотреби од онлајн медиумите во Македонија и дека феноменот на лажни вести кој е глобален се поврзува со нашата земја, дека има бројни информативни веб страници кои се однесуваат како медиуми, а нивната цел е влијаење на јавниот дискурс и нивно искривување. Според него, овие искривувања довеле до повици за регулација на онлајн просторот. Ричлиев појасни дека една од идеите за саморегулација, е постоењето на СЕММ и ЗНМ кои се занимаваат со подигање на професионалноста и етиката во медиумите. Тој оцени дека регулација на онлајн медиумите е непотребна и оти е невозможна.

Адамчевски од СЕММ смета дека иако онлајн медиумите не се опфатени со медиумските закони, тие се регулирани со неколку други директни и индиректни закони, односно дека некои одредби од тие закони се однесуваат на онлајн медиумската област.

– Саморегулацијата е поефикасна од регулацијата на интернет медиумите од неколку причини. Во услови на континуирани промени на медиумската технологија таа нуди поголема флексибилност во споредба со државната регулација. Таа е поефикасна и трае пократко од долгите и комплексни судски спорови, истакна Адамчевски.

Претседателката на СЕММ Марина Тунева ги повика онлајн медиумите да покажат интерес за зачленување во СЕММ. Има критериуми, посочи Тунева, кои ги подготви Советот за тоа како се станува член, а кои треба да бидат исполнети.

– Ако некој медиум или интернет портал пројави интерсес да стане членка на СЕММ тогаш се разгледува како функционира версус критериумите, и ако се процени дека ги исполнува ќе стане членка на Советот, појасни Тунева.

Позитивната страна на саморегулацијата, според СЕММ и ЗНМ е тоа што овозможува флексибилност и се појавува во улога на механизам за заштита од потенцијално вмешување на центрите на моќ во медиумските содржини, а слабост е тоа што таа изрекува само морални санкции.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Новинарот Фуркан Салиу да биде пуштен на слобода, а МВР да ја информира јавноста за причините за неговото приведување

ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје: Соработка за унапредување на новинарството

ЗНМ И УНДП ги доделија наградите за новинарски стории за 2023 поврзани со загадувањето на воздухот во земјава

Одговор од Собранието на реакцијата на ЗНМ во врска со вчерашната седница за избор на техничка влада