Движењето ЗНАМ соопшти дека разговорите со коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ за владината реконструкција сѐ уште траат и дека нема конечен договор за ниту едно од отворените прашања, додека разврска се очекува кон средината на следната недела.
На денешната прес-конференција, портпаролот на партијата Никола Мемов, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека на лидерско ниво биле одржани неколку средби и дека преговарачките тимови работат во континуитет.
„На маса се сите отворени теми. Нема конечен договор за ниту едно прашање. Очекуваме разврска кон средината на следната недела“, изјави Мемов.
Во однос на информациите дека ЗНАМ би можел да го загуби Министерството за правда, а за возврат да добие друг ресор, како што се МВР, финансии или одбрана, Мемов не даде конкретен одговор. Тој нагласи дека ЗНАМ не влегол во Владата по сопствено барање.
„Пред две години Движењето ЗНАМ беше покането од страна на ВМРО-ДПМНЕ да учествува во Владата со свои кадри, имајќи ги предвид изборните резултати, но и кадровскиот потенцијал и искуството што може да го даде ЗНАМ. Ние не сме тие што бараа да влезат во Владата, туку бевме поканети“, рече Мемов.
Запрашан дали промените во Владата се резултат на оценка за работата на министрите од ЗНАМ, тој истакна дека се прави анализа на работата на сите министри, а не само на кадрите на неговата партија.
„Ова не е испитување и оценка на министрите на ЗНАМ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Се прави анализа на работата на сите министри во Владата и генерално на спроведувањето на владината програма“, рече Мемов.
Тој додаде дека ЗНАМ влегол во Владата заради реализација на своите програмски определби, а не заради распределба на функции, оценувајќи дека владината програма во изминатите две години се реализира со предвидениот интензитет.
На прашањето дали постои можност ЗНАМ да не постигне договор со ВМРО-ДПМНЕ околу реконструкцијата на Владата и што би значело тоа за понатамошната соработка, Мемов одговори кратко дека „сите опции се отворени“.
Инаку, ЗНАМ денеска најави дека во текот на јули ќе организира осум регионални панел-дискусии и отчетни трибини под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, на кои партиските функционери ќе ги презентираат резултатите од својата работа и ќе одговараат на прашања од граѓаните. Првата трибина ќе се одржи утре во Скопје.
