Значително е намалено загадувањето на Преспанско Езеро, нарушениот екосистем се нормализира, а се враќаат и автохтоните видови риба поради подобрениот квалитет на водата.
Ова е резултат на проектот што од 2002 година го спроведуваа Општина Ресен, Швајцарската агенција за развој и соработка, Глобалниот фонд за животна средина и УНДП со партнери на локално и национално ниво. Целта беше да се заштити и обнови непроценливо вредниот екосистем. Реултатите од овој проект се прикажани во документарниот филм насловен „Езеро на јаболката“ што УНДП ќе го промовира на 24 март на Денот на водите.
– Потребни беа 15 години и 15 милиони долари ова да се случи, но конечно, по неколку децениско нарушување, се обновува состојбата на Преспанското Езеро, изјави постојаниот координатор на Обединетите нации и постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон за време на денешната претпремиера на документарниот филм „Езеро од јаболката“.
Преспа е едно од најстарите езера на светот и место со особено богата биолошка разновидност. Повеќе од 2.000 видови птици, риби и цицачи, од кои голем дел единствени за Преспа, зависат од езерото.
За екосистемот кој со векови издржувал бројни природни притисоци, последните децении беа особено драматични во однос на нарушувањето на квалитетот на водите и опаѓањето на популациите на автохтоните видови.
Според научните и стручните анализи, неодржливите земјоделски практики се една од главните причини за нарушувањето на природната рамнотежа. Преку 70 отсто од населението во регионот зависи од земјоделството, главно од производството на јаболка. Бројните земјоделски производители, без знаење, предизвикувале значителна штета со неконтролираната употреба на пестициди и вештачки ѓубрива, неефикасните методи за наводнување и внесувањето различни типови отпад во езерото, вклучувајќи илјадници тони скапани јаболка.
Во комбинација со ефектите од ерозијата и непостоењето одржливи решенија за управување со цврстиот отпад и отпадните води, овие практики придонесоа кон нарушување на состојбата, заканувајќи се на опстанокот на рибите и другите видови.
– Целта на напорите беше да се заштитат природните вредности, овозможувајќи им на земјоделските производители да заработуваат за пристоен живот. Резултатите покажуваат дека природата и локалните заедници можат заедно да се развиваат, велат од УНДП.
Изградба на системи за управување со отпадните води, промовирање одржливи земјоделски практики, зголемување на ефикасноста на наводнувањето, обновување на шумската покривка заради контрола на ерозијата и подобрување на заштитата на критичните живеалишта, беа само дел од реализираните мерки за санирање на состојбата со Езерото.
– Овие напори ги мотивираа првично скептичните жители, кои денес се посветени партнери на програмата. Како резултат сето ова, дојде до трансформација на земјоделските практики. Интензивните обуки околу заштитата на овошките, ѓубрењето и наводнувањето, во комбинација со демонстративни насади и програма на грантови за поттикнување на усвојувањето на одржливи практики, даде резултати, стои во соопштението.
Во овој контекст, како што се додава, преку 80 отсто од земјоделците веќе ги применуваат методите на агроеколошкото производство, употребата на вода за наводнување е намалена до скоро 60 проценти, користењето на пестицидите во просек е намалено до околу 30 отсто, илјадници тони на отпад кој завршуваше во езерото сега се трансформира во висококвалитетен компост, подобрен е квалитетот на водите и се обновуваат популациите на автохтоните видови на риба во езерото.
Покрај ова, значително е намалено и испуштањето на нетретирани отпадни води како резултат на новите системи за управување со отпадните води. Постигнат е и напредок во заштитата на природата без негативни влијанија врз приходите од земјоделските дејности. Земјоделските семејства успеаја да ги намалат производните трошоци преку примена на модерни технологии и практики.
Искуствата стекнати од спроведувањето на програмата можат да се пресликаат и кај други слатководни екосистеми во светот, кои се соочуваат со слични предизвици.