Зибери: Пристапот до правдата во време на пандемијата беше ограничен

Од:

Ковид-19 ги наруши речиси сите текови во општествениот живот, а посебно негативно влијаеше врз слободите и правата на граѓаните, изјави народниот правобранител Насер Зибери, на денешната презентација на Извештајот за темелните права на Агенцијата за темелни права на Европската унија за 2021 година.

Според него, на удар пред се најдоа ранливите категории, како што се децата, децата со попреченост, лицата под социјален ризик, како и една сериозна бројка на популацијата од ромското население.

– Во овој период, особено во време на прогласувањето на вонредната состојба, проблеми особено се појавија по однос на семејното насилство и од едно истражување изнесовме сериозни податоци за тоа како прогресивно расте семејното насилство во ефективна вонредна состојба, полициски час, изјави Зибери.

Тој нагласи дека годината која е зад нас ни даде поука за понатамошно дејствување на институција народен правобранител, но и на другите чинители.

– Затоа и нашите препораки во Годишниот извештај одат во таа насока како да го подигнеме квалитетот на заштитата и унапредувањето на човековите права слободи и права, а особено на овие дефекти кој ни се појавија и излегоа на површина со ранливите категории, со семејното насилство, со состојбите во затворите и другите сегменти кој навистина бараат посебно внимание од институцијата Народен правобранител, рече Зибери.

Мерките кои одат во заштита на здравјето на граѓаните, како што истакна омбудсманот Зибери, често пати детерминираа поинакво дејствување на институциите, многу институции беа полузатворени, полуотворени, пристапот до правда беше ограничен и се разбира капацитетите на институциите беа лимитирани и не можеа да бидат на ниво на потребите на граѓаните. Народниот правобранител констатирал низа слабости во институциите и во преземањето на мерки кои одат во насока на подигнување на квалитетот на заштита.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ вели дека човековите права за Владата се извонредно важни како тема и како политика.

– Владата со должно внимание пристапува кон секој извештај кој што укажува и на напредокот, но и на недостатоците во нашиот систем поврзани со заштита на човековите права и нивно унапредување, без разлика дали се работи за Извештај на ЕК, извештаите на меѓународните невладини организации, извештаите на Стејт департманот, извештаите и укажувања на Народниот правобранител, како наша домашна институција надлежна за заштита и унапредување на човековите права, изјави Маричич.

Директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска препорача што е можно повеќе да се зајакнат националните институции за човекови права, вклучително тука и народниот правобранител и комплетирањето на новата Комисија за заштита од дискриминација

– Клучните наоди од овој извештај се однесуваат на пандемиска година. Сите знаеме дека оваа беше исклучителна година за човековите права. Се открија големи недостатоци во сите системи за заштита на човековите права и во Европа и во земјите на ЕУ и во Северна Македонија. Она што е значајно од овој Извештај е дека со него на ист кантар се мерат земјите членки и земјите коишто пристапуваат и за нас е исклучително значајно, бидејќи тоа претставува исто така основа која што Европската комисија ќе ја земе во нивниот извештај којшто ќе го подготви наесен за напредокот на нашата земја, рече Кацарска.

Би можело да ве интересира

Владата бара решение за оние кои платиле за нови возачки и сообраќајни

А1он

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Зибери: Собранието не избра заменици, а Владата не обезбеди соодветни просторни услови за Народниот правобранител

Народен правобранител одбележа 25 години од основањето на институцијата

Протест на вработените во Народниот правобранител – незадоволни од платите и статусот кој го имаат како службеници

Вработените во Народното правобранителство најавуваат протест за следната недела