Имплементирање на консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност, еднаква дистрибуција на јавните инвестиции, задолжителни часови по албански јазик во секое училиште, нула данок на добивка за три години за секој вработен за прв пат под 35-годишна возраст, донесување на закон со кој се забрануваат казината и игрите на среќа во далечина од еден километар од училиштата, црквите и џамиите, се дел од приоритетите на владината програма на ДУИ, која на отворено пред Владата ги претстави кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери.
– Ако сакаме подобар живот за себе во оваа земја, подобра шанса за идните генерации – треба да го промениме начинот на кој се прави политиката овде, треба да ја уништиме биполарноста на двете најголеми македонски партии. Во оваа студена политичка војна, во оваа постојана војна меѓу тесните групи од интерес, никој не победи. Многумина извикуваа победа – но никој не преовлада. Сепак, едно е сигурно: дека ние, граѓаните, и Македонците и Албанците изгубивме. Ако не го запреме ова, за жал не само што ќе се изгубат битките од минатото, туку ќе се изгубат и битките за иднината.
Тој истакна дека во неговите ветувања до граѓаните нема генерички фрази, нема политички пароли, без замоци од песок во воздухот, туку има конкретни, искрени и достижни мерки што владата, како што рече, мора да ги преземе што е можно поскоро во областа на економското закрепнување, заштитата на работните места, образованието, развојот на инфраструктурата, правдата и еднаквоста.
Со првиот столб, рече тој, е предвидено да обезбедуваме еднаквост за сите етнички припадности.
– Македонците не треба да ја гледаат еднаквоста како закана. Никој не сака да земе ништо од нив – напротив, еднаквоста ќе им служи на сите нас и ќе ја придвижи нашата земја напред. Моето силно верување е дека она што е добро за Албанците во оваа земја е добро и за Македонците, рече тој.
Првата заложба во програмата на партијата содржи пет конкретни иницијативи:
1. Донесување и имплементирање на консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност. Ова значи дека 10-те стратешки државни институции ќе управуваат заеднички од еден Македонец и еден Албанец, со заеднички права за потпишување.
2. Еднаква дистрибуција на јавните инвестиции. Ова значи дека главните економски одлуки (буџет, инвестиции, даноци) од страна на владата не можат да бидат донесени без поддршка од мнозинството членови на албанскиот кабинет.
3. Задолжителни часови по албански јазик во секое училиште, почнувајќи од 5-то одделение.
4. 13 август, денот на потпишувањето на Охридскиот договор, да се прогласи за национален ден.
5. Постигнување консензус за химната на нашата земја, да се рефлектира оваа разновидност – затоа
што овој симбол не треба да биде симбол на исклучивост и нееднаквост, туку на сеопфатност и еднаквост.
Втора заложба
Програмата предвидува државата да помогне и да обезбеди субвенции за сите оние кои сакаат да работат и да создадат работни места.
– Итно ќе иницирам политика за нула даноци. Што значи: нула данок на добивка за три години за секој вработен за прв пат под 35-годишна возраст и нула даноци за компании за три години за секое самовработено лице под 35-годишна возраст. Ќе предложам владата да субвенционира 50 отсто од социјалните придонеси за секое ново вработување што ќе го подобри фер претставувањето на сите етнички заедници во приватните претпријатија, рече тој.
Во рамки на акциониот план, рече тој, е „подобар живот за нас, за нашите деца и внуци“.
– Знам дека економската благосостојба е суштинска, но јас силно верувам дека времето кое го поминуваме со нашите најблиски може да нè направи подобри луѓе, а исто така може да ја подобри и нашата продуктивност. Затоа предлагам воведување флексибилно работно време во текот на неделата и половина работен ден во петок. Треба да донесеме закон со кој се забрануваат казината и игрите на среќа во далечина од еден километар од училиштата, црквите и џамиите. Почитувањето на оние кои работат за нашата иднина мора да биде далеку поголемо од ракување или само диплома. Затоа, ние мора да направиме финансиски напор да ги поддржуваме овие луѓе: да не ја напуштат земјата, да ги извршуваат своите работи правилно, да го заштитат нашето здравје и иднината на нашите деца. Предлагам минимална плата од 600 евра за секоја медицинска сестра, наставник и учител, рече Зибери.
Тој посочи дека во акциониот план им дава шанса на сите нови семејства.
– Како прво, ќе го измениме законот за образование и ќе воведеме задолжително предучилишно образование, заедно со амбициозен план за реновирање и изградба на градинки во секоја општина; ќе обезбедиме грант од 20.000 евра навреме за секој нов земјоделец под 35-годишна возраст, рече тој.
Зибери на крајот спомна и неколку обврски зошто го прифатил назначувањето да биде прв премиер Албанец.
– Обврска за создавање општество за нашите деца, каде можат да живеат во мир и просперитет, каде ќе можат да ги остварат своите соништа, каде што имаат еднакви можности. Обврска да се изгради место каде што нашите деца нема да имаат потреба да емигрираат, затоа што ќе имаат исти или дури и подобри можности овде, каде се родени и каде имаат дом. Обврска за промена на политиката во оваа земја. Да се стави крај на дуополот на моќта што ја задржа нашата земја заглавена во политички војни и економска регресија, рече Зибери.