ЗЕЛС: Парламентот до понеделник да најде решение за мандатот на градоначалниците

Од:

Заедницата на единиците на локалната самоуправа ЗЕЛС побара Парламентот до понеделник да одржи седница и да донесе решение за мандатите на градоначалниците и советниците, бидејќи тогаш завршува првата половина на мај кога со закон престануваат да важат мандатите на градоначалниците и на советниците.

Оттаму истакнуваат дека согласно мислењата на стручните лица од оваа област, можно решение е измена на Изборниот законик во кој наместо прва половина на месец мај ќе се стави друг датум за кој ќе се договорат политичките партии во Парламентот.

Потребна е, сметаат од ЗЕЛС и измена на Законот за локална самоуправа, како системски закон. Во него пишува дека советниците се избираат за време од четири години, а градоначалниците, пак, дека се избираат секоја четврта година. Тоа според ЗЕЛС значи дека со измените на Изборниот законик може да се реши проблемот со градоначалниците додека пак за советниците ќе биде потребна и измена во Законот за локална самоуправа.

Доколку не се најде соодветно решение, посочија од ЗЕЛС, на граѓаните ќе им бидат ускратени сите услуги што ги добиваат од локалната самоуправа, ќе се спречи реализација на инфраструктурни проекти, ќе се доведе во прашање и функционирање на детските градинки и училиштата и другите институции под надлежност на локалната самоуправа, нема да можат да се носат дупови, да се издаваат градежни дозволи …

– Ќе настане застој бидејќи нема да може да важат ниту овластувањата што се дадени на вработените во соодветните сектори и служби во општините и градот Скопје, бидејќи градоначалниците нема да можат да потпишуваат ништо, рече на прес-конференцијата по денешната седница на УО претседателот на ЗЕЛС Коце Трајановски.

Нема да може, додаде тој, ниту да се склучуваат купопродажни договори, да се одржуваат спортски и културни манифестации, согласно програмата и буџетот на општините, ќе биде доведено во прашање и реализацијата на започнати и планирани инфраструктурни проекти како што се изградба на патишта, фекални и атмосферски канализации, водоводи…

На прашањето дали е можна опцијата на местото на градоначалниците да се назначат владини повереници, Трајановски истакна дека тоа не е можно согласно постојните законски решенија, кои, како што рече, предвидуваат таква можност само доколку и после вториот круг за избор на градоначалник тој не биде избран, и во тој случај да се назначи владин повереник за да се овозможи функционирање на локалната самоуправа до изборот на нов градоначалник.

Во ЗЕЛС се оптимисти и имаат надеж дека ова прашање може да се реши бидејќи, како што посочија, не смее да се дозволи да им бидат ускратени услугите на граѓаните.

Би можело да ве интересира

Вечерва продолжува собраниската расправа за именување на Славески за гувернер на Народна банка

ВМРО-ДПМНЕ ги објави кандидатите за градоначалници во 25 општини, за Град Скопје се бара најдобриот кандидат

Горан Наумовски

Парламентот го донесе Законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство

Парламентарното мнозинство можно е да се зголеми и да биде над 70 пратеници, вели Гаши

Валбона Адили Емини од ВРЕДИ нова пратеничка во Собранието по оставката на Салим Сулејмани

Договорот со Велика Британија пред пратениците

Катерина Ѓуровски