Барање за ексгенералниот секретар Мухамед Зеќири да остане во притвор во затворот во Шутка ќе биде поднесено од обвинителката Катерина Коларевиќ. За помалку од четири дена ќе треба да се знае дали тоа ќе биде прифатено од судот. Во текот на месецов, Зеќири дал и исказ пред обвинителката како осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според извори на „А1он“ тој негирал вина. Сослушани биле и други сведоци кои имаат сознанија за склучениот договор без јавна набавка, а со која според обвинителката е оштетен буџетот.
„Предметниот обвинител во рамките на своите надлежности ја спроведува истражната постапка против лицето за кое покажувате интерес и двете други осомничени лица недостапни на органите на прогонот. Во изминатиот период сослушани се дел од сведоците, а воедно и осомничениот даде исказ пред обвинител. Се преземаат и други дејствија неопходни за расчистување на случајот. Во однос на барањето за продолжување на мерката притвор со оглед дека веќе определената мерка истекува на 8.05. 2022 година обвинителството благовремено ќе достави предлог за нејзино продолжување“, велат од Обвинителството за „А1он“.
Освен Зеќири, осомничени во случајот се двајца хрватски државјани. Тие се недостапни за органите на прогонот и за нив е распишана локална и меѓународна потерница.
„Во однос на останатите осомничени кои се недостапни на органите на прогонот издадени се локална и меѓународна потерница“, додаваат оттаму.
Ако се прифати барањето на обвинителката Коларевиќ за продолжување на притворот, тоа би значело дека Зеќири уште еден месец ќе помине во истражниот затвор. „А1он“ се обиде да исконтактира адвокатот Александар Трајковски поврзано со состојбата на Зеќири во затворот, но тој не одговари на повиците. Зеќири за притворот се жалеше и до Апелација, чии судии ја потврдија првостепената одлука.
Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Дента кога му беше одреден притвор, Зеќири даде оставка и од позицијата генерален секретар на Владата.