Зеќир Рамчиловиќ бара начин да ја спречи конфискацијата на трговскиот во Ѓорче на Сеад Кочан

Од:

На 14 септември пратеникот Зеќир Рамчиловиќ до претседателот на Собранието доставил барање за автентично толкување на член од Кривичниот законик кој се однесува на конфискација на имот од правно лице. Тој бара законодавниот дом автентично да го протолкува членот 96-к.

Во барањето Рамчиловиќ напишал дека група граѓани се соочуваат со потешкотии при примена на тој член од законот. Пратеникот ја поставува дилемата дали одредбата од Кривичниот законик се применува и за случаите на незапишани права на сопственост во катастарската евиденција, кога договорот за јавно приватно партнерство не е навремено исполнет.

Рамчиловиќ бара автентично толкување на Собранието дали имотот во јавно-приватно партнерство, наведен во лист за предбележување на градба на инвеститор кој е осуден, може да биде конфискуван и дали јавниот партнер во тој однос има право да бара промена на приватниот партнер. Владата на 10 октомври дала негативно мислење за барањето за автентично толкување и смета дека одредбата е јасна.

Рамчиловиќ е потпретседател на Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија „АВАЗ“, кое тврдеше дека притворот за осудениот бизнисмен Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО е притисок врз медиумите и удар за Бошњаците. Тој е еден од пратенците избрани во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ што гласаше за потребата од уставните измени во Собранието.

Во предметот „Труст“, според неправосилната судска пресуда, треба да се конфискува имот од „Трансмет“ и „Силекс“ во висина од приближно една милијарда денари. „Трансмет“ поседува имот во општината Ѓорче Петров, поточно во трговскиот центар „Емпорио“ преку јавно-приватно партнерство.

Рамчиловиќ потврди за „Макфакс“ дека го поднел барањето до Собранието, но рече дека тоа не се однесува само за Сеад Кочан, туку и за други фирми. „Тука се опфатени повеќе правни субјекти. Станува збор за јавно-приватно партнерство и не може да се земе само така како што вие кажувате. Јас ја искористив можноста што ми ја дава законот како пратеник да им се најдам на институциите и на луѓето засегнати во одредени ситуации“, рече Рамчиловиќ. Од општината Ѓорче Петров рекоа дека сè уште се во деловни односи со фирмата на Сеад Кочан за изградба на административно-деловната зграда со паркинг простор.

Предлогот на Рамчиловиќ треба да биде разгледан на седница на Законодавно-правната комисија на 1 ноември.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Министерството за правда одлучи оваа година да не предложи листа за новогодишни помилувања

А1он

„Идризово“ бара казната на Сеад Кочан да се намали за шест месеци, Маричиќ размислува пред да го прати предлогот до Пендаровски

Кристијан Ландов

Кочан може да излезе од затвор две години порано, ако Пендаровски реши да му скрати половина од казната

Врховен му ја потврди 4,8-годишната казна на Сеад Кочан за „Труст“

Кристијан Ландов

Алфите го однесоа Кочан во Идризово

Васко Маглешов

Кочан e во болница, бара ново одлагање на казната

Васко Маглешов