Завршила обдукцијата на 33-годишната пациентка што почина откако и беше изваден миом од матката, извештај на крајот на месецов

Од:

Обдукцијата на 33 – годишната пациентка која почина откако од матката и бил изваден миом е завршена, а телото е предено на семејството кое обвини за лекарска грешка. Директорот на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Александар Станков, вели дека на извештајот од обдукцијата ќе се работи во следните две недели.

„Вчера, по налог на јавен обвинител е направена обдукција на телото. Сега се прибира целата документација. Нарачавме дополнителни хистопатолошки анализи. Јас очекувам до крајот на месецот целосниот извештај да биде комплетиран. Ние ќе го испратиме до обвинителот, а од таму ако решат дека има основ за евентуално кривично дело може да нарачаат и дополнително вештачење“, вели директорот Станков за „А1он“.

Веќе имаат наоди од обдукцијата, но детали нема да објавуваат оти предметот е во предистражна  постапка.

Истовремено се уште е во тек и вонредниот надзор во сите здравствени установи низ кои поминала пациентката.

„Во тек е вонреден инспекциски надзор кој ги опфаќа Клиниката за гинекологија и акушерство, Клиниката за дигестивна хирургија, КАРИЛ и две приватни здравствени установи каде што пациентката имала избрано матичен гинеколог и матичен лекар“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Починатата 33 – годишна пациентка била примена на Клиниката за гинекологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ на 21 април. На 22 април и била направена операција и од матката и бил изваден миом. Операцијата ја направила директорката на Гинекологија, Викторија Јовановска, а според соопштението од Клиниката операцијата имала уреден тек. Компликации се појавиле шестиот ден по операцијата.

„Во првите шест дена пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот постоперативен ден, поради нагло влошување на состојбата (силна болка), пациентката повторно е подложена на оперативен зафат во присуство на абдоминален хирург заради утврдување на причините за влошување на состојбата. Интраоперативно е најдена спонтана руптура на тенко црево (најверојатно како резултат на претходните болести). Во договор со абдоминален хирург, пациентката е префрлена на Клиниката за дигестивна хирургија. На 11-от ден постоперативно, на Дигестивна хирургија, настанува повторна компликација со цревата најверојатно поради претходните болести и пациентката е повторно оперирана. Постооперативно пациентката е во стабилна состојба и хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Утрото на 09.05.2021 година, под сомнение за белодробна тромбоемболија, пациентката итно е префрлена на КАРИЛ, каде починала по многу кратко време“, соопшти Клиниката за гинекологија.

Семејството смета дека пациентката починала поради лекарска грешка оти кога била препратена на Клиниката за дигестивна хирургија, било утврдено дека при шиењето на матката, откако бил изваден миомот, на четири места било продупчено и сошиено тенкото црево. Оштетениот дел од тенкото црево бил изваден, а пациентката починала три дена подоцна.

Разврска на случајот побара и министерот за здравство, Венко Филипче, кој најави дека покрај вонредниот надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, доколку е потребно, ќе биде инициран и стручен надзор.

Би можело да ве интересира

Од понеделник Инспекторатот ќе изрекува забрани за прием на невакцинирани деца во градинките

Орце Костов

Здравствениот инспекторат ќе ги контролира вакциналните потврди за градинка, министерот ги прифати препораките

Катерина Ѓуровски

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

Орце Костов

Викторија Јовановска останува директорка на Клиниката за Гинекологија

Орце Костов

Раката на бебето повредено на ГАК е имобилизирана, првична проценка на Комисијата е дека нема стручна грешка

ВМРО-ДПМНЕ: Три скандали на Гинекологија за една недела, никогаш не било полошо