Заврши тестирањето на текстилните работници во Штип, фабриките почнаа со работа

Од:

Заврши скринингот на 800 работници на коронавирусот во седум текстилни фабрики во Штип кои беа затворени со цел да се спречи ширењето на вирусот меѓу вработените.

Тестовите покажале дека 126 од вработените се позитивни на Ковид-19, а се чекаат резултатите за уште 50 работници. Во меѓувреме, регистрирани се нови позитивни случаи во уште една фабрика, по што 10 работнички се во домашна изолација.

Градоначалникот на Штип Благој Бочварски вели дека не би сакал фабриката да се затвора, но сепак проценката треба да ја направат надлежните служби.

„Новите случаи се во осма фабрика, откако имаше позитивни во овие седум што претходно беа затворени. Се чекаат упатства од Институтот за јавно здравје од Скопје за понатамошни насоки за работата на фабриката. Што се однесува до другите фабрики каде што има оздравени работнички, тие се организираат и деновиве почнаа да работат со намален капацитет, односно со 50 до 60 проценти од вкупниот број вработени. Само една конфекција работи со полн капацитет затоа што таму немаше ниту еден заразен. Сега имаме нова состојба и мора да живееме со неа, не сакам да помислам дека луѓето ќе останат без работа. Очекувам после овој втор бран посериозно да се однесуваме. Само со максимална внимателност од нас и граѓаните ќе излеземе како победници со вирусот “, вели Бочварски за „А1он“.

Од Центарот за јавно здравје Штип велат дека се уште не се знае точниот број на работници од конфекциите кои се оздравени од коронавирусот, затоа што се чекаат контролните тестови. Но, и оттаму потврдија дека оние кои добиле два негативни теста, може да се вратат на работа.

„Се уште се чекаат контролни тестови за голем број работници, но оние кои ги поминале двата теста може да работат. Добар дел од фабриките кои имаа случаи на заразени со коронавирусот се организираа и започнаа да работат согласно протоколите за заштита на вработените. Ја следиме состојбата со работниците, а оние кои имале позитивен тест, ќе бидат следени до целосно опоравување. Од седумте фабики во кои имаше откриено позитивни работници на коронавирусот, според нашите информации, една фабрика не е почната со работа, првата во која се појавија заразени од коронавирусот“, велат од Центарот за јавно здравје.

Во Клиничката болница во Штип има 16 пациенти кои се лекуваат од Ковид-19 и се во стабилна состојба.

Би можело да ве интересира

Во дел од штипските населби проблеми со снабдувањето со струјата

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Полицијата трага по 13-годишно девојче од Штип

Во Штип двајца директори на државни институции поднесоа оставки

А1он

Маж од Штип е осомничен за убиство на својата партнерка

Горан Наумовски

МВР: Маж со прострелна рана е пронајден во селото Пиперово