Истрагата за Мухамед Зеќири е завршена. Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, а обвинителката Катерина Коларевиќ кога бараше притвор поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци, беше убедена дека е виновен и дека ќе седне на обвинителна клупа. Адвокатите го тврдеа спротивното и го уверуваа судот, но и јавноста за невиноста на Зеќири. Сега со завршување на истрагата, тече законскиот рок во кој одбраната има право на увид во предметот и да предложи докази со кои ги побие тврдењата на обвинителката дека Зеќири и Хрватите се виновни.
„Истражната е завршена, за што обвинетиот е известен и во моментов тече законскиот рок во кој одбраната има право на увид во предметот и предлагање на докази. По изминување на овој рок предметниот обвинител ќе донесе јавнообвинителска одлука за која јавноста навремено ќе биде известена“, велат од Обвинителството за „А1он“.
Адвокатот Александар Трајковски кој е бранител на Зеќири, потврди дека добиле решение за завршена истрага.
„Увид во предметот ќе правиме во понеделник“, вели Трајковски за „А1он“.
Во исто време, се чека екстрадиција на Данијел Иванагиќ кој беше уапсен при обид за влез во Словенија. Тој е управител на консултантското друштво „Интерхолдинг“ од кое според Обвинителството, Зеќири нарачал физибилити-студија.
„За вториот осомничен се уште е активна распишаната потерница“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „А1он“ прашани за пронаоѓањето на Денис Фудуриќ.
Според обвинителството, Зеќири во периодот од април 2021 до јануари 2022, како генерален секретар на Владата, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани за кои Македонија има издадено потерници.