Засилена дипломатска активност за деблокирање на евроинтергацискиот процес, Заев неделава на разговори во Софија

Од:

Премиерот Зоран Заев во текот на оваа недела ќе ја посети Софија. Ова било договорено на вчерашната средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Самитот на НАТО во Брисел, на која во фокусот била перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на земјава.

Посетата на Заев на Софија ќе се случи на една недела пред состанокот на Советот на ЕУ на 24 и 25 јуни, кога би требало да очекуваме одлука дали и кога ќе се одржи меѓувладината конференција Северна Македонија – ЕУ и земјата да ги почне преговорите со Унијата.

На вчерашната средба во Брисел бугарскиот претседател Радев, според соопштението од владината прес-служба, ја подвлекол принципиелната и континуирана поддршка на Софија за иднината на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи.

– И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан, за да им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј, се посочува во соопштението од владината прес-служба.

На средбата била истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји.

Претходно на маргините на Самитот на НАТО премиерот Заев имаше средба и со словенечкиот колега Јанез Јанша, како и со полскиот претседател Анджеј Дуда. И Јанша и Дуда искажале поддршка за процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.

Словенечката поддршка за процесот за евроинтеграцијата на нашата земја, уште еднаш беше реафирмирана на последната сесија на процесот Брдо-Бриони со декларацијата за важноста за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

На средбата со Јанша, премиерот Заев ги оценил како извонредни напорите на претседателството на Португалија со Европскиот Совет и понудениот предлог да се деблокира пристапниот процес за нашата земја и истакнал дека предложените решенија ги имаат потребните елементи да продолжи дијалогот Скопје-Софија и да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ како чекор кон исполнување на безусловната препорака за почеток на преговорите со Северна Македонија.

-Во однос на билатералните односи, како заеднички интерес на оваа средба, двајцата премиери изразија подготвеност да ги забрзаат подготовките и за првата заедничка седница на владите на двете земји, од која се очекува да биде поттикнат потенцијалот од економските врски, како и интересот и подготвеноста на деловните заедници на Северна Македонија и Словенија за подинамична соработка, информираат од Владата.

На средбата со полскиот претседател Дуда, премиерот Заев истанал дека Полска беше и остана искрен и вреден пријател на Северна Македонија за време на процесот на нејзиното остварување на целта да биде членка на НАТО, како и во поддршката за остварување на сите нејзини обврски за исполнување на условите за членство во ЕУ. Како посебно значајна, Заев ја оценил иницијативата на Полска и на земјите од Вишеградската група да приложат документ на претстојната Конференција за иднината на Европа во кој силно се поддржува пристапувањето на земјите членки на Западен Балкан во ЕУ.

Премиерот го запозна полскиот претседател Дуда со главните поенти од документот на португалското претседателство со ЕУ како предлог за решение на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, кој нашата Влада го оцени како добра излезна основа за деблокирање и за организирање на првата меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ за почеток на преговарачкиот процес по поглавја.

Дипломатските напори и лобирања за евроинтеграциските процеси ги продолжи и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој на маргините на лидерскиот Самит на земјите членки на Алијансата во Брисел, се сретна со неговата колешка од Холандија, Сигрид Кааг, што воедно претставува и нивна прва средба, откако неодамна таа ја презеде функцијата министерка за надворешни работи на оваа земја.

Како што соопшти МНР, двајцата министри покрај безбедносните предизвици разговарале и за европското досие на Северна Македонија, особено можностите за заокружување на одлуката на Советот за почеток на преговорите за време на португалското претседателство.
Министерката Кааг во оваа прилика истакнала дека Холандија го поддржува португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија. Во таа смисла Османи го поздрави холандскиот „строг и фер“ принцип, што значително помага во спроведување на реформската европска агенда и имплементирање на европските стандарди, во насока на европските амбиции на Северна Македонија.

Кааг ги поздрави остварените резултати, со цел зајакнување на демократијата и владеење на правото, при што ја истакна неопходноста од континуирана и посветена имплементација на европските стандарди и реформските цели, давајќи поддршка на евроинтегративните перспективи на Северна Македонија со верба дека набргу и формално ќе почнат преговорите за пристапување во ЕУ.

Во меѓувреме во Скопје Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Политикон мрежата (ПИН) и Центарот за современа политика (ЦСП), организираа дебата на тема „Зајакнување на владеењето на правото на Запад Балкан: Стари алатки за нови правила? “. Беше потенцирано дека наместо измислување на поединечни критериуми специфични за Западниот Балкан, потребно е да се цели кон тоа земјите во регионот да бидат вклучени во постоечките механизми на ниво на Европската Унија, со цел да се утврди кое е нивото на спремност на овие земји визави државите на ЕУ. Беше нагласено дека е потребен поголем ангажман на ЕУ во однос на земјите од Западен Балкан за да се постигне значителен успех.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Украина и Молдавија ќе почнат преговори пред Македонија: „Проширувањето на ЕУ е секогаш политичка одлука“

A1on

(ВИДЕО) Денков: Бугарија нема да го смени ставот кон Македонија, сега преговорите се помеѓу ЕУ и Скопје

A1on

Хакер: Влезот на Северна Македонија во ЕУ е во интерес на Германија и на Унијата

Ана Ололовска

Сослушување во американскиот Сенат за влезот на С. Македонија во ЕУ, и за Западен Балкан

Ана Ололовска

Вархеји оптимист во однос на можноста за членство во ЕУ до 2030

Ана Ололовска