Агенцијата за управување со одземен имот на јавна лицитација како старо железо продаде 267 запленети стари возила и 117 запрежни коли без употреблива вредност за кои веќе има правосилни пресуди.
Како што вели директорот н Агенцијата Фатон Асани, станува збор за возила кои биле користени за транспорт на нелегално сечени огревни дрва. Тие биле запленети од Шумската полиција и најголем дел од нив биле сместени на плацот на Национални шуми во Струмица, но имало и на локации во Миладиновци, Идризово и Куманово.
-Првпат Агенцијата одеднаш продаде 384 стари возила. Се работи за запленети стари возила за кои веќе има правосилни пресуди и кои непотребно се трупале на плацовите на Национални шуми каде практично го зафаќаа местото за огревни дрва. Со нивната продажба се ослободува голем простор кој може да се користи за складирање на огревни дрва, вели Асани.
Посочува дека процедурата за спроведување лицитација на запленети возила за старо железо е долга бидејќи треба да се подготват сите неопходни документи и да се изврши увид од стручни лица и проценители за да се види кое од возилата е исправно, а кое може да се продава за старо железо.
Понуди за лицитацијата доставиле три фирми за откуп на старо железо кои имаат специјални лиценци од Министерството за транспорт и врски, бидејќи, прецизира Асани, има посебни критериуми што не може да ги исполни секој отпад.
-Веќе е почната постапката за преземање на возилата. По преземањето на количината фирмите кои ја добија јавната лицитација треба да направат пресметка колку килограми старо железо откупиле и да и ја исплатат вкупната сума на Агенцијата која потоа парите ќе ги префрли во државната каса, посочи Асани.
Според него, почетната цена за продажба на електронското јавно наддавање изнесувала 10 денари за еден килограм старо железо без ДДВ, а првичните процени покажуваат дека за откупените возила од последната лицитација треба да се платат повеќе од 50.000 евра.
Реализирани седум лицитации на запленети возила за старо железо од кои четири во последните две години
Агенцијата за управување со одземен имот е формирана во 2009 година, а првата продажба на запленети возила за старо железо е реализирана во 2015 година, по што следела уште една продажба во истата година и продажба во 2016 година.
Од 2017 година на чело на Агенцијата е Фатон Асани, а од неговото назначување на функцијата веќе се реализирани четири лицитации на запленети возила за старо железо.
-Во последните две години за старо железо имаме продадено повеќе од 850 возила кои немаа употреблива вредност. Не ми е познато зошто во првите години од функционирањето на Агенцијата не се спроведувале лицитации за запленетите возила кога се знае дека парите што ги зема Агенцијата за управување со запленет имот од лицитациите во целост се префрлаат во Буџетот на државата, вели Асани.
Преку 350 исправни запленети возила доделени на институциите
Агенцијата за управување со одземен имот во последните две години на институциите во државата им доделила повеќе од 350 исправни запленети возила. Најголем дел од нив, како што информира директорот Асани, се доделени на Министерството за здравство, Управата за спроведување на санкции, Министерството за внатрешни работи, како и на повеќе општини и министерства. Новина е што првпат се доделени возила и на дел од училиштата, а како посебен пример Асани го посочува специјалниот минибус за превоз на ученици со посебни потреби што беше доделен во Ново Село.
-Во текот на неделава се планира да се направи лицитација на 20-тина запленети возила во исправна состојба, а до крајот на месецов по првпат да се спроведе и продажба на недвижен имот, посочи Асани.
Агенцијата спроведува и уништување на запленета дрога и оружје
Минатиот месец по повод Светскиот ден за борба против малото и лесно оружје, Агенцијата за управување со одземен имот во соработка со Комисијата за уништување на одземено оружје, наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори формирана од Министерот за правда, како и во соработка со Министерството за внатрешни работи спроведе акција за уништување на оружјето и на дрогата одземени по основ на правосилни судски одлуки, донесени по завршени кривични постапки, како и врз основ на решенија за нивно ништење, донесени од соодветните судови во државата.
Тогаш во погоните на Еуроникел индустри во Кавадарци јавно беа уништени повеќе од 600 парчиња оружје, од кои 358 пиштоли, 142 ловечки пушки, 32 автоматски пушки, 54 воздушни пушки, еден ракетен фрлач и друго. При тоа беа уништени и повеќе од 400 килограми марихуана, хашиш, кокаин, хероин, амфетамини и друго.
Кон крајот на минатата година, пак, Агенцијата во регионалната депонија Дрисла уништи околу 128 килограми марихуана, 6,5 килограми хероин, 20 килограми хашиш, половина килограм кокаин.