Законот за регулирање нерегистрирана дејност на јавна расправа

Од:

Намалување на сивата економија, зголемување на бројот на работни места, унапредување на работничките права, сузбивање на нелојалната конкуренција, зголемување на наплатата на даноци кон државата, заштита на потрошувачите, има за цел Предлог законот за забрана за вршење нерегистрирана дејност, за кој денеска во Сојузот на синдикатите на Македонија беше организирана јавна расправа.

Тој треба да го спречи вршењето нерегистрирани дејности од поголем обем, а не ги опфаќа пазарџиите, работата за сопствени потреби, соседската помош, семејната помош, работата во итни и вонредни ситуации, како и работата и услугите во домаќинствата.

– Целта на законот е да се спречи вршењето на нерегистрирани дејности од поголем обем, поголеми бизниси кои не се регистрирани и се дел од сивата економија и не исполнуваат никави стандарди, како на пример: физичките лица кои градат згради, маркетинг во кои работат повеќе работници на сопственикот нема никаква фирма и функционира како физичко лице, нерегистрирани угостителски објекти ресторани, кафулуња, сендвичари кои продаваат храна на голем број граѓани, увезувачи и продавачи на возила  и така натаму. Нашата цел со овој закон не е да ги опфатиме и казниме работите и услугите кои се вршат во домаќинствата, односно некој во сопствениот дом кога ќе повика мајстор или хигиеничар,  и токму заради тоа овие услуги, односно сите услуги во домаќинствата нема да се опфатат со овој предлог закон и се исклучени, појасни министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Додаде дека законот треба да ги опфати поголемите неплаќачи на даноци  и социјални придонеси, кои индиректно вработуваат други работници за кои не плаќаат никакви давачки, не се осигурани. На таков начин, појасни, освен што ќе се овозможи унапредување на правата на работниците, ќе се создават услови и за намалување на нелојалната конкуренција, но и сивата економија.

– Според Државниот завод за статистика, стапката на неформално вработените во однос на вкупниот број вработени во државата низ годините опаѓа, но таа се уште е висока и изнесува околу 22,5 проценти. Или низ бројки проценките се дека околу 152.000 лица се неформално вработени. Наспроти тоа, имаме над 527.000 пријавени работници, 93.000 регистрирани приватни фирми, над 8.000 регистрирани трговци поединци, над 4.500 занаетчии кои се регистрирани и работат согласно законите”, рече Спасов.

– Не смееме да дозволиме сите овие регистрирани приватни компании, трговци поединци, занаетчии, сите овие наши сограѓани кои вредно работат, ги почитуваат законите, ги плаќаат даноците, ги исполнуваат стандардите, прописно ги пријавуваат и плаќаат работниците, да трпат голема, огромна штета од индивидуални бизнисмени кои не се регистрирани, кои се дел од сивата економија и практично ги избегнуваат законите и се огромен дел од нелојалната конкуренција. Не смееме да дозволиме и ангажираните работници да трпат за сметка на овие нерегистрирани бизнисмени, и овие работници вредно работат и овие работници имаат право да бидат пријавени имаат право за осигурување и право на пензија, истакна Спасов.

Додаде дека тоа е вовед во нелојална конкуренција, а, како што потенцира ја потикнуваат физички и правни лица кои вршат дејност која не е регистрирана или не е дел од ниту еден регистар.

–  Ова само по себе повлекува пречки кон создавање работни места и развој на малите и средни претпријатија, затајување и евазија на данок и појава на некомпетитивни бизниси, кои не исполнуваат стандарди за работа, работат на диво и ги загрозуваат и доведуваат во опасност и работниците кои работат за нив и граѓаните како потрошувачи и компаниите од формалниот сектор, истакна министерот за труд и социјална политика.

Спасов додаде првичниот текст е резултат на сеопфатни анализи и искуства од други земји. Доставен бил до синдикатите, организациите на работодавачи, стопанските комори, комората на занаетчиите.

Поддршка за регулацијата на нерегистрираната дејност даде и Сојузот на синдикатите на Македононија.

– Со овој закон ќе се овозможи голем дел работници кои работат во одредени фирми или кај физички лица кои не се регистрирани, а значајно учествуваат во делот на приходите, да влезат нормално во системот на плаќање на пензиско и социјално осигурување. Сметаме дека со него дополнително ќе се зајакне борбата против сивата економија, а исто така ќе се пополни една правна празнина, рече претседателот на ССМ Живко Митревски.

Најави дека ССМ ќе даде одредени забелешки, ќе даде предлози и мислења особено, како што рече, во во делот околу затворањето на сите оние правни или физички лица каде што работниците би трпеле штета, во делот на семејната и пријателската помош…

Донесувањето на вакво законско решение го поддржува и занаетчиската комора на Република Македонија заедно со своите 15 регионални занаетчиски комори.

– Го поддржуваме донесувањето на законот затоа што нелојалната конкуренција односно сивата економија беше најмногу застапена во занаетчиството. Сметаме дека на овој начин со спречување на вршење на нерегистрирана дејност ќе допринесеме кон заштита на нашите членови односно оние кои се регистрирани, коишто се лојални кон државата кои ги плаќаат даноците и придонесите и оневозможиме да бидат ставани во нерамноправна положба, рече Оливија Штерјова претседател на Занаетчиската комора на Македонија.

Покрај денешната ќе биде организирана уште една јавна расправа и оти заклучоците од нив ќе бидат земени предвид при изготвувањето на финалниот текст на законот. Забелешки и мислења за законот ќе можат да бидат доставени во МТСП во наредните десеттина дена

Би можело да ве интересира

Османи: Сестра ми работи во М-НАВ веќе 15 години, за критериумите прашајте ги таму

Влада: Над 4.800 нови работни места во ТИРЗ за три години, во октомври рекордно 17.769 вработени граѓани

Новиот поткаст: „Што го врти светот?“ со Јована, почнува денеска во 20 часот

Груби ги кани невработените да се запознаат со работата на „Бехтел и Енка“, а тие уште не почнале да градат

A1on

Прва конститутивна седница на Советот на социјална сигурност

Горан Наумовски

Влада: Оперативниот план за вработување вреден 1,8 милијарди денари ќе опфати речиси 15.000 лица

А1он