Премиерот Зоран Заев уверува дека земјата прави се да изнајде решение со Бугарија и ако успее во тоа, веднаш на 23 јуни ќе треба да ја имаме првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ. Во исто време, бугарскиот претседател Румен Радев од Софија порача дека Бугарија бара гаранции при проширувањето на Европската Унија со Република Северна Македонија.
– Верувам дека ќе бидеме мудри, комплетно како што стоиме сите, а посебно Владата во заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и дека ќе се изнајде конечно решение да направиме исчекор. Правиме се и навистина имаме добра основа низ португалскиот предлог да изнајдеме решение со Бугарија. Ако успее, веднаш на 23 јуни треба да ја имаме првата меѓувладина конференција, изјави вчера премиерот Зоран Заев.
Португалското претседателство, посочи Заев, изненадувачки позитивно изработило инвентивен и креативен предлог, не само за нас, туку и за бугарската страна, што е согласно праксата на Европската Унија и може да биде решение.
– Да ги посветиме, овие уште 20 дена, колку што останаа до Советот на министри. Ако успее, веднаш на 23 јуни треба да ја имаме првата меѓувладина конференција, изјави Заев.
Тој сепак нагласи дека не сака да ги поткрева очекувањата и ја повика ЕУ, вклучително и Бугарија, да испорачаат, затоа што ни должат. Тој истакна дека е подготвен да отиде во Софија и на прагматичен начин да замоли за решение.
– Да замолам за решение на прагамтични основи, знаејќи дека никој не сака да погази врз нашиот македонски јазик и македонски идентитет. Така и ќе биде, но сепак решението мора да го најдеме ние, двете пријателски земји, изјави Заев.
Бугарија во 2018 година, посочи Заев, свика Европски самит за Западен Балкан и треба да помолиме Бугарија да остане предводник на евроинтеграциите на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија.
Од друга страна, бугарскиот претседател Румен Радев на зедничката прес-конференција во Софија со неговиот португалски колега Марсело Де Соуза порача дела Бугарија бара гаранции при проширувањето на Европската Унија со Република Северна Македонија.
– Најважната задача е да се врати дијалогот на сите нивоа меѓу Софија и Скопје, рече Радев, додавајќи дека португалското претседателство со ЕУ и лично претседателот Де Соуза можат да помогнат да се најде конструктивен пристап, кој ќе се заснова на почитување на ставовите и проблемите на земјите и за почитување на нивните позиции и кој може да отвори перспектива за интензивно продолжување на дијалогот за развој на соодвети патокази, соодветни документи и односи на сите структурни нивоа, што ќе ги дадат соодветните гаранции за Бугарија, особено за да биде убедена дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен.
Според него, треба да се работи на тоа младите во двете земји да не се мразат едни со други, што ќе биде исклучително важен чекор за отворање на вратите на двете земји кон одржлива и стабилна иднина.
Португалскиот претседател Де Соуза, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, истакна дека Португалија ги поздравува и се восхитува на напорите за дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија.
– Ги поддржуваме конкретните чекори за поддршка на дијалогот, а кревањето врева не помага, туку одмага. Постојат европски земји со различни позиции по прашањето за проширувањето на ЕУ. Португалија има принципиелен став – го поддржува проширувањето на ЕУ и не сака да има предрасуди за тоа прашање. Во однос на Западен Балкан, ние ја знаеме историјата, географијата, знаеме дека прашањата се чувствителни, не само за земјите членки на ЕУ, туку и за земјите кои сакаат да и се приклучат, изјави Де Соуза.
Тој порача дека од најголем важност е да се отвораат патеки преку кои ќе се надминуваат разликите.
– Позицијата на Португалија е за постојан дијалог, разбирање на проблемите на другиот, без предрасуди или комплекси за проширувањето на ЕУ, рече португалскиот претседател.
Во исто време, ирскиот државен министер за европски прашања Томас Брн, кој е претставник во Советот за општи работи на ЕУ, порача дека со оглед дека земјава ги исполнува сите услови, има силна поддршка од Даблин за што побрзо одржување на првата меѓувладина конференција и заслужено отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.
На видео-средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, одржана на барање на ирската страна, Брн најави гласна поддршка за Северна Македонија на сите претстојни состаноци на работните тела на Советот на ЕУ.
Заблагодарувајќи се за континуираната ирска поддршка за македонскиот евроинтегративен пат, вицепремиерот Димитров се осврна на посветеноста на земјава на европската агенда во клучните реформски области поради што е потребен неодложен старт на пристапните преговори, како и на посветеноста за отстранување на пречките за тоа.
– Иако географски сме оддалечени, Ирска и Северна Македонија се споредливи по однос на многу карактеристики, а особено по определбата да дејствуваат како конструктивни партнери во Европа. Таа поврзаност неминовно нѐ упатува на интеграција и обединетост во вредностите, што се стремиме да ја заокружиме со заедничка европска иднина под знамето на Европската Унија, нагласи Димитров.
Тој порача дека земјава останува посветена на европската агенда дома, како аргумент плус за одржување на поддршката на нашите ирски пријатели за процесот на проширување, „чие натамошно одолговлекување е неприфатливо бидејќи е на штета на заедничките интереси“.
– Верувам дека силната заложба заедно со добра волја и свесност за влогот може да резултира со европско решение, истакна Димитров.
Поддршка за членството на Северна Македонија, како и на Албанија, во ЕУ вчера од Атина изрази и германскиот државен министер за европски прашања Михаел Рот по средбата со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис.
– Двајцата го поддржуваме патот на Албанија и Северна Македонија кон членство во ЕУ, што ќе ја направи Европската Унија и поголема и посилна, нагласи Рот.
Сараевскиот портал „Кликс“ вчера објави дека четирите земји од Вишеградската група – Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, плус Австрија, испратиле нон-пејпер до лидерите на Европската Унија, со кој се бара поголема поддршка од ЕУ за целиот Западен Балкан.
Според истиот извор, министрите за надворешни работи на петте земји исто така бараат државите и граѓаните од Западниот Балкан да бидат вклучени во официјалните разговори за иднината на Европската Унија, бидејќи, според нив, тие имаат право и треба да имаат можност да ги искажат своите ставови за иднината на блокот.
Иницијативата на петте држави, како што е најавено, треба да биде испратена до првите луѓе на Европската Унија, вклучително и до Европската комисија и комесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Постоењето на нон-пејперот за сараевските медиуми го потвреди министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ, која додаде дека е запозната со содржината на документот, кој го оцени за исклучителн важен и кој треба да се поздрави.