Само позитивниот однос, сплотени и единствени можеме да испорачаме резултати за сите. Доста беа делби и поделби во Македонски Брод и во Македонија, ова вечерва го истакна претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев од митингот во Македонски Брод.
Заев изрази задоволство што граѓаните излегле и слободно гласале во првиот круг од локалните избори.
– Сега кога знаеме дека наша е победата, да ја испратиме пораката на пријателство, на соживот, на единство. Кандидатот за градоначалник на СДСМ Живко Силјаноски и Советот на општината ќе им служат на сите граѓани, потенцира Заев.
Македонија има доволно пари и ресурси, посочи претседателот на СДСМ, за да има современи и развиени општини со добра инфраструктура. – Македонија да биде земја на богати граѓани, само ни требаат чесни политичари коишто чесно ќе одработат во функција на граѓаните и во интерес на сите граѓани, рече Заев.
Првата главна задача, според него, е Македонски Брод да се поврзе со главниот град. – Да изградиме современ регионален пат по сите стандарди, што ќе отвори сериозни перспективи за нови инвестиции, нови фабрики, нови поризводствени погони каде ќе работат младите наши генерации за достоинствени плати што ќе овозможат живот овде, дома, во Македонски Брод, потенцира Заев.
Македонија мора рамноправно да се развива и, според него, не е во ред миграцијата што ни се случува од внатрешноста кон главниот град.
– Сериозно мораме да инвестираме насекаде во државата. Сите овие месеци покажавме дека Македонија има сериозен потенцијал. Со домаќинско работење, со штедење на сите ресурси ве уверувам многу силно ќе тргнат сите општини и Република Македонија, нагласи Заев.
Чесното работење, како што кажа, ќе овозможи да има пари за решавање на повеќе проблеми.
– Ако некој не работи чесно, му завршува политичката кариера и ќе одговара согласно закон. Аманет оставам пред сите-чесно да му служиме на нашиот народ заради тоа што ова е голема доверба која што граѓаните ни ја дадоа, нагласи Заев. Апелираше да не се дели народот во Македонија, да им подадеме рака на сите и да им покажеме зашто само така ќе има напредок.
Претседателот на СДСМ и премиер Заев на митингот во Македонски Брод ги повика граѓаните масовно да излезат и да го поддржат кандидатот на неговата партија за градоначалник на овој град во вториот круг од локалните избори.