Заев се сретна со Бајден во Брисел, го покани да дојде во Македонија

Од:

Премиерот Зоран Заев откри дека попладнево на маргините на самитот на НАТО се сретнал со американскиот претседател, Џозеф Бајден, за кого ова беше прва лидерска средба во Алијансата откако стапи на оваа функција. Македонскиот премиер ја искористил средбата за да го покани Бајден да ја посети Македонија.

Заев вели дека остварил куса, но значајна средба со новиот американски претседател, од кого добил охрабрувачки пораки и најава за посета на Западен Балкан.

-Се видов и со претседателот Бајден, имавме прилика да поразговараме, разговорите беа прво за нашата енергетска поврзаност, којашто ја правиме заедно преку проектот Александрополи, тоа е американско-грчки-македонски проект, но поразговаравме и за неговата посета на Западен Балкан. Ја искористив приликата да го поканам, секако тој позитивно искоментира, кажувајќи ми дека го знае Западен Балкан, работел за Западен Балкан, ја има целата поддршка на Соединетите Американски Држави и секако во неговата агенда ќе планира некоја посета. Позитивно беше што беше информиран веднаш и веднаш честиташе за нашето членство во НАТО.

-Навистина разговорот беше пријатен како земји стратешки партнери во делокругот на вредностите, на демократијата, на напредувањето на сето она што значи квалитетен живот овде во Северна Македонија. Затоа што навистина Америка тоа го правела сите овие 30 години независност во нашата поддршка, а за мене и за нашиот народ е важно да продолжи таа поддршка. Драго ми е што имавме прилика со него да поразговараме на вака значајни теми коишто се преокупација и на Америка и на Европа, иако не сме членка на ЕУ, верувам дека подеднакво гледаат на сите нас, впрочем тоа и го покажа тоа низ разговорите претседателот Бајден, раскажа премиерот.

Премиерот оствари низа други билатерални средби со лидерите на земјите членки на НАТО на овој самит, кој е и првиот за Северна Македонија откако таа е полноправна членка на Алијансата.

Би можело да ве интересира

Бајден ќе присуствува на инагурацијата на Трамп

Адмирал на НАТО до претприемачите: Подгответе воено сценарио

НАТО: Се подготвуваме за „прецизни удари“ ако дојде до војна помеѓу нас и Русија

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Бајден: Издавањето налог за апсење на израелски лидер е срамота

Горан Наумовски