Заев: Одговорност и поддршка од сите за евроатланската иднина на Македонија

Од:

Да продолжиме заедно да ја градиме Република Македонија во едно општество за сите, низ меѓусебна почит и разбирање затоа што само заедничката среќа е среќа, им порача вечерва премиерот Зоран Заев на граѓаните на централната прослава по повод Денот на независноста на Македонија – 8 Септември.

Премиерот Заев упати честитки за празникот и нагласи дека Македонија повторно има одговорни политичари кои знаат што им е потребно на граѓаните, но оти има и свесни граѓани кои знаат што и е потребно на државата.

– Но, како премиер кој ја доби честа од вас да води, ве повикувам, да чекориме заедно. Тогаш кога сме потполно слободни, ние сме пред најголемата одговорност што ќе избереме. Повикувам на одговорност од секој и на силна поддршка да ги продолжиме демократските процеси во интерес на евроатлантската иднина на Република Македонија, истакна Заев на прославата што се одржува на платото пред Владата.

Референдумот од 8 септември 1991 година, како што посочи, недвосмислено ја одреди иднината на независна Македонија, со 95 процентно „да“ од излезените граѓани, кои во огромен број, 72 процента од гласачкото тело, се појавија на гласачките места. Тогаш застанаа заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и го сочуваа мирот во земјата.

Тестови на зрелоста по референдумот, наведе претседателот на Владата, беа создавањето армија, воведувањето државна валута, меѓународното признавање на Македонија, решавањето воен конфликт, трасите кон ЕУ и НАТО, излегувањата од политичките кризи, градењето демократија, па обновување демократија, многу општествени ангажмани на многу граѓани на Македонија.

Според Заев, денес Македонија, а со тоа и сите граѓани, се пред момент што не се испушта и за којшто е неопходно да се покаже повторно зрелост.

– Очите на цела меѓународна јавност ги свртевме кон нас со тоа што на мудар и трпелив начин, од земја генератор на криза, Република Македонија ја претворивме во мотор на развој на регионот. Сега имаме отворен пат за напредок преку подадените раце за членство во Европската унија и во НАТО од земјите пријатели на Македонија. Постојат реални можности Македонија да добие чиста препорака, а потоа и датум за преговори со Европската унија. Реални се надежите и дека Република Македонија може да биде 30. членка на НАТО, потенцира премиерот Заев.

Клучен тест, според него, се и локалните избори кои, како што рече, првпат по 11 години ќе ги организира и спроведе нова демократска Влада. – Цврсто сме определени да организираме и спроведеме фер, демократски и регуларни избори, со нула толеранција за евентуални злоупотреби, порача премиерот Заев.

Ако до слободата, стигнавме заедно, тогаш, како што укажа, заедно можеме и до другите заеднички цели. – Македонија демократска, демократски да се развива. Македонија европска, европски да напредува. Македонија наша, заедно да ја изградиме. И во Република Македонија да живееме финансиски стабилни, безбедни и со нови шанси за нови успеси, нагласи Заев.

Тие процеси ќе ги предводи новата граѓанска Влада која, како што рече, се отвори за луѓето и за светот, парите ги насочува кон граѓаните низ покачувањето на минималната плата, надоместоците, субвенциите, намалувањата на давачките, економијата ја развива низ условите што ги создава за развој на домашните претпријатија и нивното поврзување со странски компании, институциите ги фокусираме во служба на граѓаните, низ поедноставни, неселективни процедури, со соодветно работно време, пред коишто нема привилегирани, туку секој е еднаков.

– Енергично ги спроведуваме реформските процеси во државата, коишто веќе ги отворија евроатлантските перспективи. А Македонија активно соработува со соседите, низ пријателства што се претвораат во мостови кон нашата заедничка светла иднина, наведе Заев.

Друг тест, посочи, се реформите, на коишто се работи во соработка со граѓанските организации и ЕУ и НАТО, за да се овозможиме независно судство, објективни медиуми, независни институции во државата. Тест се и развојот на добрососедските односи и регионалната соработка, што покажавме дека од слабост сме способни да ги претвориме во предност.

– Договорот со Бугарија, отворените можности за транспротно поврзување на Самитот во Трст, отворените врати за економска соработка на неформалниот самит во Драч, билатералните договори за развој на економската соработка со повеќе држави од регионот и светот, покажуваат дека таму каде што има политичка волја, се стеснува просторот за отворени прашања. Преку нашите искрени, инклузивни политики на подадена рака во општеството, испраќаме и порака во нашата држава дека сме подготвени заедно да сработиме и заедно да застанеме зад резултатите, наведе македонскиот премиер.

Централната прослава по повод Денот на независноста, што се одвива под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“, почна попладне со повеќе активности. Беа изведени детска претстава, а настапија и танцови групи, гудачки квратет, како и хорот при Македонската Опера и Балет и Здружението на џез музичари на Македонија. Се очекува настапот на Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Анѓушев, Бени и Нон Стоп со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, Кпурдат, Шутка Рома Рап и Слаткаристика.

Во рамки на тридневното одбележување утре делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, а делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“. Во организација на Министерството за одбрана во Крушево ќе биде организирано искачување на Бушева Планина „Заедно кон врвот“.

Република Македонија одбележува 26 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Би можело да ве интересира

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

Орце Костов

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Фирми на Мијалкови и на Трајче Заев должат четири милиони евра за ДДВ: Кои се најголеми должници на УЈП

Орце Костов

Гаши ја потврди средбата со Заев

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Џамбаски: Димитар Ковачевски му го носеше кафето на Заев, името му е бугарска Али Експрес верзија

Орце Костов

Заев: 75 % од граѓаните се против референдум за договорот со Бугарија, останатите 25 % се вмровци

Маја Илиевска-Пачемска