Македонија тргна по нов демократски пат, кон правдата и правото. Правда во Македонија ќе има. Секој што се огрешил, ќе одговара. Правда ќе има и тоа е моето најсилно ветување. Мора да има одговорност, давам збор, а зборот е збор, порача од вечерашниот централен митинг во Кичево лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Заев побара поддршка за актуелниот градоначалник Фатмир Дехари и за Советничката листа предводена од Сашо Кацески. Апелира дека поделбата, особено онаа по етничка основа, не води никаде. Единствено здружени, заедно, сплотени, рече, можеме да одиме напред.
– Делбите не не водат никаде. Само заедно, од сите етнички заедници, сплотени, можеме да живееме. Нашата перспектива е во нашата различност. Доста не лажеа етнички, заврши тоа време. Ако ги отстраниме етничките проблеми, ќе можеме да се посветиме на вистинските – економијата, новите вработувања, инвестициите, нагласи Заев.
Коалицијата предводена од СДСМ, дополни, најавува ново време.
– Веруваме во еднакво општество за сите. Немаме предрасуди, се здружуваме со граѓаните, шарени сме, не има од сите етнички заедници, ова е наша заедничка земја, истакна Заев и потенцира дека Кичево е пример на соживот, единство и на градење заедничка иднина.
Се осврна и на претходната власт, порачувајчи му на Никола Груевски дека СДСМ работи сосема спротивно од партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно ги повика Кичевци да не дозволат, како што рече, бандити и криминалци да владеат со нивната општина.
– Криминалци шират лаги. Отротено му кажувам на Груевски, работиме спротивно од она што тие го работеа. Митинзите му се празни зашто бродот што тоне сите го напуштаат, но да зборуваме за перспективите зашто лакомствтоо, лажењето и крадењето, како што рекол Јоаким Крчовски, се најголемите гревови, нагласи Заев.
Збрувајќи за предвидените проекти, вети решавање на проблемот со загадувањето и сметот кој е еден од најгорливите во Општината, целосна реконструкција на коритото на Сушица, канализација во Другово, промена на греење во сите училишта, локален пат, поддршка на спортот и културата,…,
Лидерот на СДСМ од митингот во Кичево апелира и младите да не ја напуштаат државата зашто Владата нуди низа мерки и проекти за почнување бизниси, едукација, обуки,…
Пред Заев зборуваше носителот на Советничката листа Сашо Кацески кој рече дека приоритет на Општината ќе бидат инфраструктурата, чистиот воздух и младите. Кичево, нагласи Кацески, е пример за соживот поради што правичната застапеност во институциите на локалната самоуправа ќе биде исто така една од клучните заложби.
– Мора да го спречиме иселувањето на младите. Кичево ќе биде Општина на задоволни граѓани во која младите ќе сакаат да останат и тука да ја градат својата иднина. Ќе донесеме сет мерки за почист воздух, ќе спроведеме гасификација и централно парно, ќе обезбедиме субвенции за греење на еколошки агенси, ќе изградиме велоспиедски патеки, а старите цевки ќе се заменат со нови, најави Кацески.
Според него, предвидена е иницијатива за организирање рок фестивал во Кичево кој би станал традиционален, ќе се градат нови градинки, ќе се реновираат училишта, ќе се гради нов пензионерски дом и ќе се обезбеди поддршка за спортските клубови.