Лидерот на СДСМ, Зоран Заев соопшти дека по изјавата на еврокомесарот Хан, дадена во Вашингтон, СДСМ нема да присуствува на закажаната средба на 10.ти јуни во Брисел.
„Изјавата во Вашингтон на Јоханес Хан, комесарот за проширување на ЕУ, содржи елементи на пристрасност и е несеоодветна во подготвителен период пред одлучувачката средба во Брисел. Зачудува оценката на еврокомесарот Хан за генерално позитивни извештаи од набљудувачката мисија на ОБСЕ за последните изборни циклуси во Македонија.Ниту ОБСЕ, ниту ЕУ досега не констатираа дека Извештајот за изборите во Македонија е позитивен.
Дополнително, доказите од проектот „Вистината за Македонија“ ја разоткрија меѓу другото, и криминалната позадина на повеќе изборни циклуси во Македонија, организирани и спроведени од Никола Груевски и неговата власт. Сакам да нагласам дека ние, за целиот овој период, се однесувавме максимално демократски и седнавме на заедничка маса и покрај нерамноправната позиција во која што бевме ставени.
По разгоорите на 2.јуни во Скопје, подигнат е уште еден обвинителен акт против мене и тоа за земање поткуп, иако кривичната пријава на МВР беше за обид за поткуп. Направена е диверзија на автомобилот на синот на Зоран Верушевски, во кој се возат деца, направени се нови претреси на домовите на притворените лица, палени се возила, напаѓани се неистомисленици на власта. Дадовме максимум во овој сериозен процес и очекуваме тоа да се почитува од сите страни“, изјави Заев.