Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска во Штип изјави дека се уште е рано да се соопшти кои ќе бидат носителите на листите за избор на пратеници во шесте изборни единици во земјава, бидејќи во тек се разговори и преговори со коалционите партнери и со граѓаните.
– Ние сме во разговори и преговори за склучување на коалиционо раздвижување и разговараме со многу интелектуалци, граѓани, индивидуалци од секој дел на Македонија, од секој аспект од секој сегмент од општественото живеење. Разговараме со професори, разговараме со разботници, разговараме со земјоделци, разговараме со пензионери. СДСМ и партиите од левицата и центарот склучија коалиција со граѓаните и тие ќе бидат застапени насекаде на нашите листи. Штом ќе бидат додефинирани коалиционите сојузи веднаш ќе преминиме на одлуките на кандидати од страна на СДСМ. Значи во редоследот на одлучување ги ставивме последни. Се уште е рано верувам дека многу брзо ќе можеме да соопштиме кои се конечно кандидатите на листите од страна на СДСм и здружената опозиција, изјави Заев, кој денеска имаше средби со граѓани во Штип.
Прашан за отворањето на двата нови случаи од страна на СЈО, во кои како сведок се јавува и еден штипски бизнисмен, Заев забележа дека прашањата треба да се упатат до СЈО.
– За сите прашања повразани со СЈО ќе мора да ги прашате нив. Ние сме политичари и политички партии кои што одлучивме сите заедно да формираме една независна институција, која што ќе се занимава и ќе излезе со резултат за се што е поврзано и произлегува од незаконското слушање. Тоа вчера што го гледавме е еден процес кој што треба да утврди кој прислушувал во Република Македонија. Тоа е огромно кривично дело. Тоа е злоупотреба на основните човекови слободи и права, правото на комуникација и општење тоа е дефинирано во Уставот на Република Македонија. Во Република Македонија правадата ќе се врати и правда ќе има, рече Заев.
Што се однесува за телевизиските политички дуели во кои учествуваат претставници и од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Заев истакна дека тоа е добро и смета оти треба да се организираат и неколку ТВ дуели, меѓу него и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
– Заслужува граѓанинот на Република Македонија да има дебата меѓу шефот на опозицијата и меѓу шефот на владејачката партија. Тежнееме да бидеме демократско општество. Мора ние да ги спротиставиме нашите ставови, само така граѓаните ќе знаат што е во суштина проблемот и кои се во суштина решенијата на проблемите од било кој аспект во македонија. Се надевам и повикувам најдобро намерно обврска на сите нас е да седнеме на дебати и да организираме неколку дебати, рече меѓу другото Заев.
Лидерот на СДСМ денеска во Штип имаше средба со текстилни работнички и граѓаните на Градскиот пазар и во неколку населби. Информира дека СДСМ предлага во првите четири месеци од доаѓањето на власт минималната плата да биде покачена на 12.000 денари, со што ќе влијае на стандардот на граѓаните.