„Покажавме дека ако се сака, сè се може, мораме да наоѓаме начини да им помогнеме на нашите деца, на младите, да видат дека државата се грижи, дека е тука заради нив, да им помогне и да останат тука, заедно со своите роднини и пријатели да ја градат нашата иднина“, му рече премиерот Заев на младиот Јане Велковски на денешната средба во Владата, на која присуствуваа и неговите родители и министерот за здравство, Венко Филипче.
Единаесетгодишниот Јане е едно од седумте лица со спинална мускулна атрофија (СМА), за кои државата го обезбеди лекот „Спинраза“, најсовремена терапија во светот за лекување на оваа болест и тој веќе прими две терапии, од лекот кој како што информираа неговите родители има одлични резултати за запирање на прогресијата на болеста.
Јане Велковски на јавноста и е познат и како говорник на Глобалниот самит во Обединетите нации во Њујорк, по повод Светскиот ден на детето, каде како претставник на децата од нашата земја, упати порака дека сите се еднакви и треба така и да го живеат животот, без бариери и ограничувања.
Јане и денеска, ја искористи можноста, како вистински мотивациски говорник, да порача дека навистина е среќен што се лекува во својата земја изразувајќи задоволство дека не се исполнил предлогот на неговите родители да се иселат од земјава, во потрага по лекот за неговата болест.
„Денеска можеме да заклучиме, како да сме на седница на Влада, заедно со Јане и министерот за здравство дека донесовме одлука дека нема повеќе заминување од нашата земја, дека секогаш ќе изнаоѓаме начини да помагаме на државно ниво“, рече премиерот Заев.
„Вие, сите заедно родителите и децата, со вашата борба го менувате системот. Вашата мотивација е најважна за стимулирање за изнаоѓање вистински начини за олеснување на животот на луѓето со ретки болести и на другите на кои им е потребна помош“, рече министерот Филипче потенцирајќи дека се прават големи напори за изнаоѓање решенија за достапност на сите помагала, како и пристапни рампи за лицата во инвалидски колички.
Беше констатирано и дека се направени суштински реформи во здравствениот систем и сите пациенти ја имаат потребната терапија со оригинални лекови со сертификат за квалитет.
Младиот Јане неуморно го испрашуваше претседателот на Владата за работните обврски, потшепнувајќи му прашања и коментари, кои останатите не требаше да ги слушнат, меѓу другото прашувајќи и за новогодишната желба на Премиерот.
„Желбата ми е единствена, да се исполнат стратешките цели за кои изминативе две години работиме, за да биде успешна нашата трансформација во земја, економски јака и достојна за живеење“, рече премиерот Заев, и се согласија дека желбата на младиот Јане да биде иден премиер или претседател на нашата држава е многу реална со оглед на неговата борбеност, правичност и упорност да се бори за тоа што го замислил.
Во спонтана и пријателска атмосфера, младиот Јане на премиерот Заев му подари топка, на која се испишани целите на „УНИЦЕФ“ и заедно со министерот Филипче разговараа за неговите впечатоци од учеството на самитот на УНИЦЕФ во Њујорк и средбите со славни личности. На премиерот Заев и министерот Филипче им подари и врамени фотографии од тие официјални средби со посвета.