(ВИДЕО) Заев: Црно тиквешко по рафтовите на маркетите во Берлин, бело тиквешко директно на трпезите во Копенхаген

Од:

Црно тиквешко по рафтовите на маркетите во Берлин, бело тиквешко директно на трпезите во Копенхаген, наше розе вино по рестораните во Виена, свежо трпезно бело и црно грозје за војниците од мисиите на НАТО. Тоа ќе биде пеницилинска инекција за кавадаречката и македонската економија. Тоа се само дел од придобивките од влезот во ЕУ и НАТО, порача вечерва премиерот Зоран Заев во Кавадарци.

– Придобивките од влез во ЕУ се огромни. Ако сега добиваме годишно грант од 15,5 милиони евра за транспорт, мостови, железници, тунели, патишта, тие ќе се мултиплицираат. Исто и во земјоделството каде сега годишно се добиваат околу 15 милиони евра поддршка, таму исто така ќе се мултиплицира таа сума. ЕУ 40 проценти од својот буџет одделува за поддршка во земјоделството, а ние сме земјоделска земја. ЕУ дава директна поддршка и за економијата, граничните премини, правосудство и безбедност. Сето тоа ќе се зголеми неколку пати, нагласи Заев, додавајќи дека со евроатлантскиот влез се добиваат фондови, правила, односи.

Нашата цел е, посочи, кон Европската унија.

– Ако во виното е вистината, во европска Македонија е иднината. Одржавме позитивна лекција со тоа што ги уредивме односите со Грција и Бугарија. Европа го почитува тоа пријателство. Се што правиме правиме транспарентно. Договорот со Грција е правичен и за двете страни. Да ги отвориме границите. Никој нема да ни ја земе нашата Македонија. Го потврдивме нашиот идентитет, а Грција го призна и нашиот идентитет и нашиот јазик. Од непријател, сега во Грција имаме пријател. Порасна трговијата со Бугарија, поголема е соработката, придобивките се големи. Сега Македонија е држава признаена од целиот свет, вековни аспирација на нашите дедовци и татковци. Да ги отвориме границите, порача тој од трибината на градскиот плоштад.

Нагласи дека верува до небото во исправноста на одлуката, во народот.

– Зад мене стои коалицијата. НАТО и ЕУ се наша стратешка цел, сите тежнеат кон таа цел. Да бидеме нормална земја каде ќе зборуваме за нормални работи, посветени на нашите стратешки цели. Од пет соседи непријатели, направивме пријатели. Дојдоа сите светски лидери, ни подаваат рака. Со нив разговаравме за економски теми, го поздравија однесувањето на Македонија, зашто покажавме европска вредност. Европските вредности се наши цели. Ајде на сите пријатели да им покажеме дека вреди да им бидеме пријатели, рече Заев, осврнувајќи се на придобивките во економијата, но и безбедноста.

Бидејќи, како што нагласи, НАТО гарантира безбедност и сигурност. Придобивките се огромни, додаде, осврнувајќи се на грантовите кои ќе има можност да се добиваат.

– Оваа шанса не смееме да ја пропуштиме. Партиите на страна, дајте заедништво за иднината на Македонија. Доволно беше 27 години тапкање во место. Прашањето е многу важно и заслужува максимална поддршка. Ова е историска одлука. Не смее да има дилеми. Оваа шанса не смее да се пропушти за слободно да се погледнат децата во очи кога ќе пораснат. Заедно со нас се стопанските комори, спортистите, синдикатите, уматниците. Да нема двоумење, рече Заев, повикувајќи го Мицкоски да заземе став, наместо страв.

Неизмерно, како што рече, верува дека народот ќе донесе правилна одлука. Нема, рече, алтернатива, нема друг пат. Апелираше да се разговара со граѓаните, затоа што мора да се успее во вкупниот процес. Очекува блескав резултат на референдумот. Ако нешто вреди, додаде, вреди за Македонија и за иднината. Во кампањата, рече, не зборуваат за поделби, туку за придобивки. Ги повика кавадарчани да гласаат „за” на референдумот.

– Останува вербата во народот, дека ќе донесе правилна историска одлука како многу пати во минатото. Ќе ги собира европските вредности и перспективи, додаде Заев, ветувајќи дека по успешниот референдум, ќе наздрави со тиквешко вино.

Пред кавадарчани говореа и актерот Љупчо Бубо Каров и Кристина Арнаудова кои потекнуваат од овој крај. Тие исто така говореа за придобивките од влезот во ЕУ и НАТО и кажаа дека ќе гласаат „за”, а ги повикаа и кавадарчани да го сторат истото.

Би можело да ве интересира

На референдумот во Еквадор беа изгласани мерки за борба против криминалните банди

Ирска на референдумот одлучува за уставната идеја за семејството и улогата на жената во домот

Пет години од референдумот за Договорот со Грција

Словачкиот референдум не успеа поради слабата излезност

Џафери не ја добил референдумската иницијатива за францускиот предлог: Ќе ви кажам кога ќе одговорам

Кристијан Ландов

Нема да има референдум, Џафери го одби Мицкоски

Ана Ололовска