Околу 1000 жени и девојчиња од различни делови на државата во кои нема лесно достапни здравствени услуги биле прегледани во мобилните амбуланти во рамки на заедничкиот проект на Министерството за здравство, Македонското лекарско друштво, Здружението на гинеколози и акушери, Црвениот крст и женските организации со поддршка од Фондот за население на обединетите нации. Афродита Шаља, шефица на канцеларијата на Фондот за население ОН – УНФПА, вели дека се посебно горди што сакајќи да пружат услуга произлезена од потребите на Ковид – пандемијата, воспоставиле систем кој може да функционира и по пандемијата за жените за кои здравствените услуги се тешко достапни. Шаља нагласи дека прегледите, фокусирани на откривање на карцином на грло на матката, покажале загрижувачки податоци.
„Загрижувачко е тоа што имаше жени кои пет, десет до 15 години воопшто не биле на гинеколог. Значи се треба да се направи според принципите на човекови права, услугата да биде достапна, да биде пристапна пристапна, да биде прифатлива за тие што ја користат и да биде квалитетна. Тоа што посебно сме горди е тоа што услугите не се даваат само во периодот на Ковид, туку развивме модел кој може да се применува и понатаму и вон Ковид услови. Модел кој е одржлив, интегриран во системот затоа што прегледаните жени се интергирани во ‘Мој термин’. За нив се води сметка доколку се пронајде некоја состојба за која треба понатамошно проследување, тоа се прави“, рече Шаља на денешното сумирање на резултатите од заедничкиот проект.
Одѕивот за прегледите кои се закажуваа преку матичен лекар бил голем, што според Шаља значи дека услугата треба да се доближи до жените.
Услугите на терен ќе продолжат да се нудат. Покрај завршувањето на овој проект Фондот за население УНФПА ќе обезбеди средства да продолжат да работат мобилните амбуланти на терен и евентуално и да го прошири типот на услуги. Мобилните амбуланти се поврзани со системот и она што лекарот на терен ќе го открие кај пациентката, се проследува на други места доколку за тоа има потреба.