За проневерените 2,4 милиона евра во ФФМ: сметководителката што допишувала нули од дома ги бришела трагите во системот

Од:

За да ги скрие трагите во системот, сметководителката што допишувала нули на фактурите во ФФМ и така извлекувала пари, откога ја избркале од работа, од дома се најавувала на сметководствениот систем и менувала податоци. Вакво известување добило Обвинителството од Управата за финансиска полиција, од каде што веќе поднесоа кривична пријава против неа.

„О. М., откога била отстранета од работното место во Фудбалската федерација на Македонија, во периодот од 13.10.2019 до 28.10.2019 година, во неколку наврати, неовластено пристапувала до програмата за сметководствената евиденција на ФФМ преку апликацијата Team viewer од својот персонален компјутер надвор од просториите на ФФМ и вршела измени – прекнижувања, докнижување и бришење ставки во сметководствената евиденција, а сè со цел да ги прикрие трагите од сторените кривични дела што ѝ се ставаат на товар. Сите се опишани во кривичната пријава, која веќе е поднесена од Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, стои во известувањето до Обвинителството.

Поранешната сметководителка во ФФМ, Олгица Младеноска, е првоосомничена, а заедно со неа, покрај поранешниот претседател на Федерацијата, Илчо Ѓорѓиоски, осомничен е и уште еден вработен во Федерацијата. Кривичната пријава е против вкупно 14 правни и 11 физички лица за кои има сомневања дека со перење пари, злосторничко здружување и злоупотреби проневериле 2,4 милиона евра, пари наменети за македонскиот фудбал. Пријавата во јули минатата година ја поднесе Управата за финансиска полиција.

Од Обвинителството велат дека во тек е вештачењето за оваа пријава.

„А1он“ лани на почетокот на годината објави дека сега првоосомничената излекувала пари со допишување нули на фактурите и на сметка на ФФМ имала луксузен живот со чевли од 1.000 евра, со чанти што чинеле и по неколку нејзини официјални плати во Федерацијата и чести одмори и патувања на скапи места. Но, тоа бил само еден од начините на кои се правеле злоупотребите со парите на Федерацијата. Во кривичната пријава за проневерите во ФФМ, Финансиската полиција злоупотребите во периодот од 2015 до 2019 година ги подели во три групи.

„Фиктивни фактури, плаќање производи и услуги што никогаш не ги користела Федерацијата, подигнување кеш, пари што ѝ биле предавани на сметководителката, како и докази за големи суми пари потрошени за чевли, чанти и облека, покажа истрагата. Лицата против кои се поднесени кривични пријави се поделени во три групи. Во едната група се градежни компании, кои фиктивно биле ангажирани и извлекле пари за работи што никогаш не ги изградиле, втората група се оние што ваделе кеш за фиктивните услуги, што наводно ги правеле за ФФМ, а третата група е трошењето пари на скапи чевли, облека и чанти“, објаснија од Управата по поднесувањето на кривичната пријава.

На списокот со компании што соработувале со сметководителката и поранешниот претседател при злоупотребите се „Сеф компани“ , „Усјепор“, „Км емона“, „Балкан-консалтинг“, „Биро копирс Ирина“, „Принт примус“, „Оли-Вети копирс“, „Идиомас ИП“, „Спортико трејд“, „Борографика“ и „Елит травел“. Во кривичната пријава се опфатени сите сопственици и управители на компаниите, а некои од нив веќе биле повикани во Обвинителството.

Би можело да ве интересира

Финасиска полиција ќе ја испитува набавката на горива за ЈСП

Катерина Ѓуровски

УО на ФФМ закажа Изборно Собрание на 22 декември, Масар Омерагиќ ќе го наследи Муамед Сејдини?

Горан Наумовски

ОЈО: Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице оддавале тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“

Превирања во ФФМ: Членови на Управниот одбор бараат итна седница

Катерина Ѓуровски

Известување за притисок врз скопското вишо јавно обвинителството доставено до Советот на јавни обвинители

Обвинителство: Материјалот за случајот со поранешната министерка за култура е пристигнат и се проучува