За петкатницата кај хотел „Јадран“ што ја одобрил Богдановиќ три дена пред да замине ќе одлучува Министерството за транспорт

Од:

Второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски ќе одлучува по жалбата од центарци за петкатницата кај хотел „Јадран“ за која одобрение за градење издал поранешниот градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ, три дена пред да замине од функцијата. Одобрението е дадено по скандалозниот план од 2012 година кој треба да се менува и спорните градби да се избришат, а сегашниот градоначалник Горан Герасимовски потсетува дека петкатницата како објект постои во планот уште од 1997 година.

„На предметната локација е планирана градба на станбено-деловен објект и во претходниот ДУП од 1997, како и во сега важечкиот што е донесен во 2012 година и според кој е и побарана дозволата за градење. Земјиштето е приватна сопственост, што според Законот за градење, е доказ за право на градење. Споменатото одобрение за градење е издадено од претходниот градоначалник Саша Богдановиќ и во моментов сè уште се чека да се исполнат условите тоа да стане правосилно. Доколку истото биде обжалено од  кој било од непосредните соседи, постапката ќе ја преземе второстепена комисија во Министерството за транспорт и врски“, велат од кабинетот на градоначалникот Герасимовски за „А1он“.

Соседите на новата петкатница се веќе организирани, подготвуваат петиција за стопирање на градбата со која се уништува последното парче зеленило до плоштадот Македонија, а рокот што им го дале од Општината за поднесување жалба на издаденото одобрение за градење е до утре.

„Секој од непосредните соседи го има правото на увид во документацијата и можноста да вложи жалба што ќе биде разгледувана од Второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски“, велат од Општина Центар.

Во меѓувреме во тек е измена на урбанистичкиот план и за овој дел од Центарот со која граѓаните очекуваат дека ќе се избришат сите објекти за кои сметаат дека не треба да се градат, а се предвидени со актуелниот план кој стапи во сила откако Уставниот суд го укина мораториумот за градење во Центар.

„Постапката за донесување на нов ДУП за опфатот на Малиот Ринг од десната страна на реката Вардар е во тек. Нејзиното завршување не може да се прогнозира поради вклученоста на многу други институции, освен донесувачот на планот, Општина Центар – Скопје“, одговараат од Општината на прашањето дали ќе ја избришат петкатницата во новиот план.

 

Поранешниот градоначалник Богдановиќ за „А1он“ изјави дека инвеститорите „како само да чекале“ да се укине мораториумот оти имале навалица од барања за одобренија за градење по неговото укинување. За петкатницата Богдановиќ рече дека не издал правосилно одобрение за градење, а она што е издадено било согласно електронската постапка.

Друштвото за градежништво трговија и услуги „Сколимекс“ од Скопје, преку електронскиот систем побарало одобрение за градење во септември. Минатиот месец на 2 ноември Богдановиќ им издал одобрение, а на 5 ноември ја предаде функцијата на Герасимовски.

Би можело да ве интересира

Герасимовски: Ја украсивме општина Центар, граѓаните имаат потреба од позитивна атмосфера

Орце Костов

Општина Центар со препорака до угостителските и јавните објекти во следните два дена да ја прилагодат музиката

Казни од 13.000 евра за Интермецо и за Мош за прегласна музика

Катерина Ѓуровски

Целосно се забранува градење надвор од Генералниот Урбанистички план на Водно

Општина Центар: Град Скопје да го реши хаосот со сметот

Герасимовски: Зачестените контроли на градилиштата продолжуваат – инвеститорите да градат според одобренијата