Богдановиќ три дена пред да замине дал одобрение за нова петкатница до хотелот „Јадран“ по скандалозниот план од 2012 година

Од:

Поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ, минатиот месец, три дена пред да му ја предаде градоначалничката функција на Горан Герасимовски, дал одобрение за изградба на петкатница на местото на последното паркче во близина на плоштадот Македонија, на улицата Никола Кљусев, поранешна „27 Март“, до хотелот „Јадран“. Одобрението го издал по скандалозниот план донесен во 2012 година, кој четири години Општината не успеа да го смени, а Уставниот суд годинава го укина мораториумот, со што повторно се врати во сила.

Жителите на Центар се против бетонизирање на последното зеленило на оваа улица. Подготвуваат петиција со која сакаат да ја сопрат градбата. Ги повикуваат соседите да го дадат својот глас до 28.12.2021 оти имаат рок од Општината во кој може да реагираат на издаденото одобрение.

Побарале објаснување од општинарите за издаденото одобрение, а од таму им укажале дека Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Сколимекс“ од Скопје преку електорнскиот систем поднело барање за одобрение во септември, а на почетокот на минатиот месец, на 2.11.2021, било издадено одобрението.

Новиот градоначалник на Центар, Герасимовски, официјално ја презеде функцијата на 5 ноември.

Поранешниот градоначалник Богдановиќ за „А1он“ вели дека морал да ја почитува управната постапка.

„Јас не сум издал правосилно одобрение за градење. Тоа е постапка што инвеститорот ја почнал преку електронскиот систем неколку месеци претходно. Ние имавме навалица од заинтересирани за градење, кои како само да чекале да се укине мораториумот за градење“, изјави поранешниот градоначалник Богдановиќ.

Тој тврди дека не успеал да го смени планот и да ја избрише оваа зграда, како и многу други, оти граѓанските иницијативи во Центар инсистирале да се избрише маркичката за шпанските скали на плоштадот и поради тоа се закочило донесувањето на планот сѐ до укинувањето на мораториумот за градење.

Во одговорот до жителите Општина Центар укажува дека доколку не поднесат жалба по издаденото одобрение за градење, тоа ќе стане правосилно. На тесниот празен простор, кој сега половина е парк, а во еден дел служи и како паркинг, планот од 2012 година дозволува да се изгради објект висок 24 метри со приземје, пет ката и потпокрив.

Би можело да ве интересира

Герасимовски: Ја украсивме општина Центар, граѓаните имаат потреба од позитивна атмосфера

Орце Костов

Општина Центар со препорака до угостителските и јавните објекти во следните два дена да ја прилагодат музиката

Казни од 13.000 евра за Интермецо и за Мош за прегласна музика

Катерина Ѓуровски

Целосно се забранува градење надвор од Генералниот Урбанистички план на Водно

Општина Центар: Град Скопје да го реши хаосот со сметот

Герасимовски: Зачестените контроли на градилиштата продолжуваат – инвеститорите да градат според одобренијата