Амбасадорот Метју Нимиц ќе свика нова средба на посредниците во разговорите за името, во Њујорк, во текот на следните недели.
Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации, Мартин Несирки изјави дека ова е најавено по досегашните разговори на Генералното Собрание на ОН во Њујорк.
– Господинот Нимиц планира да ги свика претставниците на двете страни повторно во Њујорк во неделите што доаѓаат. Генералниот секретар искрено се надева дека овие разговори ќе отворат пат за посериозни преговори и да се најде взаемно прифатливо решение за спорот со името, изјави Несирки.
Генерално земено, додава тој, решение за разликите за името ќе биде во интерес на двете страни, како и на целиот балкански регион.
– Метју Нимиц, како личен претставник на генералниот секретар го посети регионот на почетокот на месецов и се виде со високи владини претставници да ги побара нивни ставови за неговиот последен предлог и со цел да ги намали разликите и да бара натамошно приближување на ставовите, изјави Несирки.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки мун вчера во Њујорк се сретна со шефот на грчката делегација, министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос.
По средбата, Венизелос не се осврна на априлскиот предлог на Нимиц, туку рече дека Грција инсистира на нејзината почетна позиција, име кое ќе се употребува ерга омнес.
Портпаролот Несирки сепак рече дека се зборува за предлогот на Нимиц, и за приближување на ставовите на двете страни.
Претседстелот на Владата на Македонија Никола Груевски вчера ја почна посетата на Њујорк, каде ќе присуствуа на приемот организиран од претседателот на САД Барак Обама.
Груевски ќе одржи настани за промовирање на инвестициите во Македонија во Принстон, Чикаго и Бостон, а на 27 септември ќе се обрати пред Генералното собрание на ОН, и ќе се сретне со генералниот секретар Бан Ки мун.
Во Њујорк присуствува и министерот за надворешни работи Никола Попоски. Тој денеска одржа средба со генералниот секретар на ОБСЕ и со министерот за надворешни работи на Нов Зеланд.
Сеуште не е потврдено дали ќе биде организирана средба меѓу македонската и грчката делегација.
Грчкиот министер за надворешни работи Венизелос, кој вчера се сретна со колегите од Иран, Косово и Турција без коментар го одбегна прашањето на МИА за неговиот непопустлив став во врска со спорот со името.