За Мијалков призна дека е привилегиран, за замолчувањето на Боки 13 ги компромитира Маричиќ и Тупанчески, за Јанкулоска признава дискриминација – интервју со директорот за санкции

Од:

Ендемска корупција има во затворите, потврдува директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, но не чувствува одговорност за тоа. Според него, тој треба да остане на функцијата иако во затворите влегува дрога, некои затвореници се претепани, други се избодени со ножеви, трети умираат додека чекаат ресоцијализација.

Во интервјуто, Спасовски, кој народски кажано е татко на сите затвореници, за Сашо Мијалков гарантира дека нема да избега иако е сместен во затвор од отворен тип и против него се водат пет други постапки. Се согласи дека е привилегиран, а тоа го препиша како заслуга на оние што го советуваат. Открива и што има на снимките од безбедносните камери во струшкиот затвор, каде што Мијалков треба да биде, дали тој некогаш се видел со него и дали разговарале, зошто добива привилегии…

Првиот човек на Управата за санкции, кој е одговорен за контроли на затворите и за работата на директорите, јавно призна дека барал разместување на Бојан Јовановски-Боки 13 во полошите услови за кои пишуваше „А1он“ во моменти кога неговото здравје се влошувало. Зборува и за замолчувањето на Боки 13 преку забраната за интервју, во кое затвореникот беше подготвен да сведочи за сѐ низ што поминал и да открие многу работи. Спасовски ги компромитира и актуелниот министер Никола Тупанчески и неговиот претходник Бојан Маричиќ признавајќи дека, иако законот не предвидува, тој ги прашал, а тие му кажале да не дозволува Боки 13 да се појави на јавно интервју. Првпат одговори и како по секоја цена не дозволил прекин на казната на Боки 13 од затвор иако е во животозагрозувачка состојба за разлика од други затвореници, кои ги пушта на слобода.

За Гордана Јанкулоска, која 2,3 години е во затворот во „Идризово“, Спасовски и сам призна: „Таа е дискриминирана“. Јанкулоска, за разлика од Мијалков, има помалку постапки што се водат против неа, но и помала затворска казна, а повеќе години издржано. Сепак, нема право на викенди и да си го види детето како други затвореници.

За обвинувањата кон него од ексдиректорот на „Идризово“ дека му вршел притисоци, вели дека не поднел тужба, ниту добил извинување. Оттука, Спасовски одговара како може да докаже дека навистина не го правел тоа.

Марјан Спасовски смета дека не е нешто чудно што има претепани затвореници во „Идризово“, кои избодени се носат во болница, што наркобос, наместо зад решетки, шетал на слобода и продавал дрога. Во интервјуто во детали се разговараше за овие состојби.

Тој беше прашан и како го назначил директорот на „Идризово“, Шпенд Тахири, без ден искуство во затворскиот систем, и за неговото функционирање, на што тој одговори дека го нашол во едно македонско село по препорака. Спасовски одговара како директорите ги назначува по препорака ако законот му налага тоа да го прави по пат на јавен оглас.

За ова и многу повеќе за привилегираните, но и за натепаните затвореници, за состојбите во тие четири ѕида, гледајте во интервјуто со Марјан Спасовски, директор на Управата за санкции, дадено за „А1он“.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Пандов: Еден осуденик државата ја чини над 10 илјади евра годишно, крајна цел е намалување на затворската популација

Мијалков утрово го напушти струшкиот затвор, бил примерен затвореник

Боки 13 ги отфрла наводите за пријавата за загрозување на сигурноста, демнење и лажно пријавување

Катерина Ѓуровски

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Јанакиески излегува во јуни, за Мијалков ќе одлучува Кривичен