Секретарката на Општина Центар, Маја Ралевска, дала оставка од функцијата за да добие унапредување, па потоа повторно е именувана на истата функција. Таа од позицијата помошник раководител на Сектор за правни и организациони работи, сега е назначена за раководител. Откако е упанредена преку пријавување на интерен оглас каде била единствен кандидат, градоначалникот Саша Богдановиќ повторно ја именувал за секретарка. Двајцата тврдат дека нема изигрување на закони, ниту пак им е спорно што ова унапредување се прави на два месеци пред избори. На оглас, се јавила само секретарката Ралевска.
„Не гледам тука ништо спорно. Од лични причини дадов оставка, бидејќи имаше постапка за унапредување која беше објавена, сакав да се јавам на интерен оглас. Доколку сум на таа позиција не би можела да се јавам на интерен оглас. Тоа редовна и тековна постапка. Сум сакала да можам да се унапредам во кариерата, бидејќи ги исполнувам општите и посебните услови, а тоа е нормална постапка. Секој може да се јави на тој интерен оглас“, вели Ралевска, која негира дека интерниот оглас е објавен токму за таа да се пријави и да ја добие позицијата.
Секретарката, а од сега и раководител на сектор за правни и организациони работи, Ралеска, негира дека огласот е пуштен сега бидејќи се ближат локални, а актуелниот градоначалник Богдановиќ може да не е повторно кандидат на СДСМ, па таа да не може да биде унапредена.
„Не треба така да се смета, барем јас лично размислувам. Не гледам причина, претходно или во секој период можело тоа да се направи. Но, еве, сега..“, вели Ралевска, која кажа дека не се договорила со Богдановиќ да се повлече, па одново да ја назначи на секретарската позиција.
Градоначалникот на Центар, Богдановиќ за „А1он“ исто така вели дека нема изигрување на законите и дека процедурата била транспарентна, а на огласот можел секој да се јави. Тој кажа дека имало и други лица кои ги исполнувале условите на интерниот оглас, но никој освен Ралевска не се пријавил. Не знаеше да каже зошто е тоа така, потенцирајќи дека е лично право на секој да одлучи дали сака или не да аплицира на огласите. За него, процедурата е целосно законска.