Вуљаниќ: Македонското малцинство мора да ги има истите права како и грчкото во Албанија

Од:

Хрватскиот европратеник Никола Вуљаниќ, кој од завчера е и нов известувач за Албанија од Европскиот парламент, во разговор со дописникот на МИА од Брисел, порача дека ќе се бори македонското малцинство во оваа земја да ги ужива сите права и да биде третирано како грчкото, оти, според него, не може една земја што сака да влезе во Европската унија да ги третира различно малцинствата.

Според Вуљаниќ, ЕУ е унија на граѓани, а дури потоа унија на нации, граѓанските права се најважни, на чело со правото за идентификација со сопствената национална заедница и права внатре во таа заедница.

– Во неколку разговори што досега ги имав со албанските власти, го поставив прашањето за правата на македонското малцинство. Тешко можам да поверувам дека таков проблем воопшто постои, па затоа ќе инсистирам и во иднина да се реши истото. Тоа е нешто што Албанија, ако не го решила, ќе мора да го реши. На пример, јас прочитав и слушнав во разговорите со властите во Албанија дека тие права со грчкото малцинство се средени на задоволувачки начин и се разбира дека истото мора да се направи и со македонското национално малцинство, вели Вуљаниќ во изјава за МИА.

Според пратеникот од редовите на Европската левица и нордиската зелено-левичарска партија (ГУЕ/НГЛ), нема никаква логика држава која станува кандидат за членство во Унијата, различно да ги третира малцинствата на својата територија.

– Тоа е неприфатливо и невозможно и верувам дека нема ниту да се случи, нагласи Вуљаниќ.

Хрватскиот европратеник, смета дека едно од клучните прашања што секоја земја мора да ги одговори пред да стане кандидат за членство во ЕУ е положбата на националните и другите верски малцинства во својата земја. Досега, како што подвлекува, во извештаите за Албанија било истакнато дека тоа не е така изразено во земјата, како што, според Вуљаниќ, било изразено во некои земји од Западен Балкан.

– Посериозниот влез на Албанија во европските интеграции, како добивање кандидатски статус, пред се е важно за Албанија. Но, не само за неа. Албанија е земја што се наоѓа во средината на Западен Балкан и во сите на неа соседни земји, албанското малцинство е пропорционално позначајно, како во Грција, така и во Македонија, Црна Гора, Србија и Косово. Влезот на Албанија во статус на кандидат ќе означи престанување на каква-било можност за судир околу границите, положбата на малцинствата во земјите и поинаков пристап на самата Албанија кон малцинствата,потенцира Вуљаниќ.

Според хрватскиот лабурист, Албанија напредувала со огромни чекори од времето на Енвер Оџа и бункерите на плажа и, како што рече, кафезот од кој никој не можеше да излезе, ниту да влезе – Албанија се претвори во разумна европска земја. Сепак, Вуљаниќ посочува дека има уште многу работи оваа земја да направи во интеграциите, како во социјалата, така и во човековите права и владеење на правото, целосна ревизија на правниот систем.

Во однос на тоа како ќе се натераат албанските власти да ги доделат сите права на македонското малцинство на својата територија, според хрватскио пратеник во Европарламентот, тоа е можно оти евроинтеграциите имаат огромна поддршка кај нашиот западен сосед, па властите на чело со Еди Рама без никаков проблем може да се постават спроведувајќи реформи, вклучувајќи ја и реформата со признавање на сите права на малцинствата, брзо и независно оти, подвлече, нема зошто да се двоуми со оглед на тоа што има поддршка од народот.

Најавувајќи дека ЕП ќе донесе Резолуција со препорака Албанија да стане земја-кандидат за членство во Европската унија, Вуљаниќ, сепак прецизира дека Европската комисија, која секогаш е внимателна и мора да биде таква, ќе постави некои услови и нема веднаш да се согласи на промена на статусот на Албанија.

Со оглед на тоа што е дел и од Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот, Вуљаниќ цврсто ветува и дека ќе се заангажира околу одблоирање на македонските евроинтеграции, но за жал и тој констатира дека Европскиот совет функционира на приниципот на консензус.

– За жал, Советот функционира на тој начин. Хрватска беше под блокада од страна на Словенија цели две години. Ирационална блокада, која не ни требаше, ниту нешто значеше, но се случи. Грција долги години ја блокира Македонија и таа ситуација стана ирационална. За што се работи? Некој тука ќе мора, дали Советот или Комисија, да најде решение што би било прифатливо за двете страни. Кое е тоа, не знам, ниту имам знаење и искуство од тој процес за да кажам,посочува хрватскиот европратеник.

Според Вуљаниќ, мора да се најде решение за прашањето за името оти нема смисла.

– Македонија ги исполнува условите. Земјата има позитивно мислење во сите аспекти, од економски до правосудните реформи. И сега, поради ваквата причина, која не е суштинска, се кочи целиот процес, вели тој, додавајќи дека нема друг начин отколку да се седне на маса, можеби со медијатор од Европската унија или Комисијата, Советот или Парламентот, и тој медијатор да предложи решение што и двете страни ќе ги направи еднакво незадоволни и задоволни.

На забелешката дека Европската унија почива на столбот наречен „почитување на основните човекови права”, што во случајот со Македонија и Македонците е нивното основно право на себеидентификација, Вуљаниќ вели дека тоа во принцип е така, но оти таков став донел осум години блокади во евроинтеграциите.

– Дали има смисла уште осум години блокадите да постојат? Можеби има, но на македонскиот народ и на македонската влада е да одлучат дали имаат нерви, волја и сила за и понатаму цврсто да стојат на таа позиција и да не се мрднат. Ги слушам грчките причини, кои се разбира дека се дијаметрално спротивни од македонските. Тие велат дека Македонија е историски грчка провинција уште од Александар Македонски и пред него. Велат дека е напад на територијалната целовитост, дека ако го признаат вашето име ќе следи инвазија на Солун. Се разбира дека нема шанси една мала Македонија да ја нападне воено големата Грција, но тие стојат зад своите резони. И додека политичката ситуација во Грција е таква, што да се прави?, запрашува пратеникот во европскито законодавен дом од Хрватска.

Сепак, како што вели Вуљаниќ, никој не може да ги присили, ниту Грција, ниту Македонија, на промена на ставот.

– Тоа не постои. Ги нема веќе Советскиот сојуз или Тито за да присилат некого да го промени државниот став. Според тоа, треба да се договорите, оти нема друг начин. А, со договор сите се и задоволни и незадоволни, но треба да биде подеднакво кај двете страни, коментира Хрватот.

За тоа дали во него лично, како член на АФЕТ при Европарламентот, како и во Хрватска воопшто, Македонија може да смета на поддршка во евроинтеграциите, 64-годишнито хрватски лабурист од редовите на европската левица со сентиментален одговор:

– За тоа воопшто и не станува збор. Јас, лично, никогаш не сум ја гледал Македонија како странство. Македонија ја гледам како земја каде доаѓам како домаќин и не се чувствувам како странец. Се разбираме јазично, имаме ист менталитет, па дури и гестикулации, имаме заедничко минато и затоа не е под прашање хрватската поддршка во Унијата на Македонија. Но, реално, во овој момент тоа не значи нешто. Одлуката на Европскиот совет во однос на проширувањето мора да биде едногласна. Да имате 100 пријатели и само еден кој мисли поинаку од Вас, тој ја спречува целата работа. Хрватска тоа на свој грб го научи на груб начин, оти не запре Словенија со кој имаме роднини односи, моите баба и дедо се Словенци, јас имам и словенечка крв, живеам на 20 километри од границата со нив, која никој од нас и не ја гледал дека постои. Но, ниту нас кога не блокираа, никој не можеше да ни помогне. Ниту нашиот голем пријател Германија, искрен е Вуљаниќ.

За крај, критикувајќи го премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ, што поради „заштита на удбаш (н.з. мисли на Јосип Перковиќ и сличајот со неговото неиспорачување на Германија), пати целата земја”, европратеникот Вуљаниќ вели дека тоа е доказ како никој не смее да си игра со официјален Брисел и дека мора да се почитуваат правилата.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Уапсен полицаец од Албанија осомничен за низа кривични дела

Горан Наумовски

Северна Македонија ѝ го предаде на Албанија претседавањето со ПСЈИЕ

A1on

Албанското обвинителство бара 93 години затвор за шверцери на кокаин

Албанците од Косово, Македонија и Црна Гора нема да полагаат познавање на албанскиот јазик при добивање државјанство

Тирана: Девојче на училиште е каснато од змија, итно е пренесено во болница

Нови детали од последните часови на несреќната Алма која со трите деца се удави во реката Бојана