Врховниот суд го одби како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за предметот „Плацеви на Водно“, поднесено од Никола Груевски.
„ Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Македонија донесе Пресуда со која барањето на осудениот Н.Г. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.63/21 од 21.04.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.127/22 од 14.02.2023 година, го одби како неосновано“, се наведува во соопштението од Врховен суд.
За овој случај Основен суд го осуди Груевски на седум години затвор, а Апелација ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор. Годинава следеше барање за преиспитување на пресудата до Врховен, поднесена од осудениот Никола Груевски преку неговиот бранител Димитар Дангов, адвокат од Скопје.
Во предметот Плацеви на Водно Груевски беше осуден за нелегалното купување на плацеви на Водно, и за злоупотреба на партиските донации. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.
Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно.