ВРЕДИ ќе учествува на утрешната лидерска средба во Клубот на пратеници, во Скопје, свикана од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Како што информира на денешната прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВРЕДИ, Беким Ќоку, коалицијата на лидерската ќе биде претставена од Биљал Касами.
-Ние ја прифативме поканата и одлучивме да одиме на таа лидерска средба. Таму ќе присуствуваме јас како координатор и Биљал Касами како еден од лидерите на ВЛЕН. Во поканата нема конкретни прашања, рече тој.
Во однос на Пржинската влада, Ќоку нагласи дека не и доликува на една земја која преговара за влез во ЕУ да има техничка влада.
-Во однос на Пржинската влада, ние мислиме дека веќе не е потребно истата техничка влада да постои уште, бидејќи таа е составена кога државата беше во криза, а ние немаме веќе кризен модус. Ова го докажавме како Влада и како администрација во организирањето на Локалните избори. Ние знаеме дека таа влада се составуваше и за да имаме покредибилни, фер и демократски избори, рече тој.
Ќоку истакна дека земјата докажала на Локалните избори дека и без Пржинска влада може да организира фер и демократски избори.
-Ние без Пржинска влада на Локалните избори докажавме дека не е потребна техничка влада за да имаме кредибилни, фер и демократски избори. Значи, не е потребно. Ние сакаме да сме дел од преговорите за Европска унија и не доликува, не е нормално една држава што е пред вратата на ЕУ да има таква техничка влада, што значи дека не е кредибилна да организира фер и демократски избори, рече тој.
Ќоку потенцира дека ВРЕДИ се уште нема одлучено за моделот на изборните единици.
-Една изборна единица е само еден предлог. Има повеќе – со три изборни единици, со осум изборни единици, со отворени листи. Има еден сет предлози. Но ние како ВЛЕН немаме краен предлог за кој модел сме, но се зборува значи дискутираме за оваа тема без еден краен предлог, изјави координаторот на ВРЕДИ, Беким Ќоку.
