ВРЕДИ побара од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да отвори предмет и да ги провери наводите поврзани со работењето на поранешниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.
На прес-конференција, Мухамет Елмази се повика на медиумски објави во кои се тврди дека Рустеми вршел притисок врз една од најголемите европски компании за производство на заштитни огради да не учествува на тендери во земјава, со што, според него, бил отворен простор за компанија од Србија.
„Не зборуваме за обичен тендер, туку за елиминирање на конкуренција, фаворизирање фирма и трошење милионски суми јавни пари. Уште посериозно е што станува збор за заштитни огради, опрема која е директно поврзана со безбедноста во сообраќајот и со човечките животи“, рече Елмази.
Тој оцени дека институциите мора да ги испитаат сите околности околу јавните набавки и изборот на компаниите, нагласувајќи дека граѓаните имаат право да знаат дали јавните средства биле трошени законски.
ВЛЕН го повика обвинителот Ислам Абази да постапи по објавените информации и да ја информира јавноста за евентуалните чекори што ќе бидат преземени.
Воедно, од коалицијата упатија критики кон ДУИ, обвинувајќи ја партијата за, како што наведоа, двојни стандарди во однос на заштитата на интересите на Албанците и соработката со компании од Србија додека била на власт.
„Нема да дозволиме оваа тема да се затвори со молк. Бараме Обвинителството веднаш да постапи и да ја информира јавноста за своите активности“, порача Елмази.
