Вработените во стручната служба на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка веќе петти месец се оставени без плата поради неименувањето на нов состав на Комисијата по разрешувањето на претходниот од страна на Собранието на РМ на 19 март оваа година.
Стручната служба на оваа Државна комисија се состои од 24 административни службеници и 4 работници распоредени во 3 сектори или вкупно 28 работници од кои поголем дел не живееат во Скопје и се приморани секојдневно да патуваат до главниот град за да стигнат на работа што преставува дополнителен трошок за нив. Помеѓу овие 28 вработени во службата има и бремени жени кои наскоро треба да се породат а немаат здравствено осигурување, како и болни лица, чија состојба секојдневно се влошува од причина што немаат пари потребните лекови да ги набават на приватно.
– Здравственото осигурување за сите вработени во Државната комисија истече на 30.04.2018 година и со тоа од 01.05.2018 година не може да се оствари правото на лекување и земање на лекови од аптеките на сметка на Фондот за здравствено осигурување, што предизвикува дополнителен трошок и проблем за сите вработени. Поголем дел од вработените секојдневно патуваат од Гостивар, Кочани, Тетово, Куманово, Илинден и ние веќе не сме во можност да го финансираме својот превоз до Скопје и назад. Сите вработени имаат кредитни обврски спрема банките и застој во исплата на платата веќе пет месеци. Поедноставно кажано, немаме пари ни да си ги платиме домашните сметки, стои во писмото кое вработените од стручната служба на Комисијата го упатија до А1он.
Вработените велат дека за решавање на овој проблем повеќе пати се обратиле до Собранието на РМ од каде им било кажано да почекаат избор на нови членови на Комисијата. Тие исто така упатиле жалба и до Владата на РМ.
– Плата немаме земено 5 месеци, а можеби тоа ќе трае и подолго доколку Собранието не превземе мерки за избор на ново раководство. Ова драстично се одразува врз нашата економска состојба, од причина што со неисплатената плата има и неисплатена рата/рати за кои банките дополнително пресметуваат затезна камата, велат од службата.
Покрај другото, вработени тврдат дека состојбата во Државната комисија е алармантна, немаат вода за пиење, ниту пак средства за одржување хигиена, расипани тоалети, нефункционални клима уреди, а нема ниту хартија за работење. До комисијата исто така било доставено и решение за прекин на испорака на електрична енергија.
– Прашање на време е кога ЕВН ќе ја исклучи и струјата во институцијава! Државната комисија нема платено сметки за интернет, сметки за одржување на хигиената 6 месеци. Телефоните се исклучени исто така поради неплатени сметки. Едноставно, Државната комисија не функционира, велат вработените.
Виктор Јованов