Министерството за внатрешни работи во соработка со Министерството за образование и наука и Здружението на автошколи и инструктори изработи прирачник за полагање на возачкиот испит.
Прирачникот содржи 150 страници и во него се вклопени сите измени, не само на Законот за сообраќај, туку и на законите за возила, за јавни патишта, за превоз во патниот сообраќај, за превоз на опасни материи, за работно време и задолжителни одмори на мобилните работници и возачите, како и низа други актуелни правилници. Во прирачникот има и каталог на сообраќајни знаци кои секој возач може да ги види на едно место.
– Возачите за првпат во независна Македонија добиваат соодветна литература која ги содржи сите информации и проблеми опфатени со теоретскиот дел од возачкиот испит. Изговувањето на овој прирачник за нас е еден дел од мозаикот на мерките што ги преземаме за подигнување и развивање на сообраќајната култура, а во иднина очекуваме и поактивно развивање на соработката и координацијата со автошколите и испитните центри во контекст на унапредување на сообраќајно-превентивната работа, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на денешната промоција на прирачникот.
Брошурата ќе биде достапна на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, а доколку се процени дека има потреба, во иднина може да се пристапи и кон изработка на печатена верзија.
Покрај ова, отсега во електронска форма ќе бидат достапни и верзиите на сите прашања и точни одговори за електронските тестови.
Причината за ваквиот чекор на МВР, како што појасни министерката Јанкуловска, се низата барања од посетителите на интернет страницата кои се пожалиле дека симулаторот на тестот не бил доволен за учење и дека им треба помош околу точните одговори за некои од прашања.
– Се проширија и шпекулации дека на кандидатите за идни возачи им се продавале некакви верзии со одговорени прашања од кои можеле да учат. За да ги елиминираме ваквите шпекулации и да им излеземе во пресрет на идните возачи кои сакаат да ги научат новите прашања, одлучивме да ја поставиме нивната верзија заедно со точните одговори, рече Јанкулоска.
За сите категории се изготвени 1.200 прашања, а во процес на подготовка се уште дополнителни 400 прашања со што бројот на комбинации кои може да бидат генерирани со тестот во моментот на полагање изнесува над 100 милиони.
Со тоа, според Јанкуловска, практично е оневозможено учење напамет на прашањата, но сепак увидот и во точните одговори може да им биде од голема помош на кандидатите и да го подигне процентот на оние кои успешно ќе го положуваат испитот.
Од почетоткот на ноември минатата година, кога беше промовиран новиот систем на електронско тестирање, досега се пријавиле 9.884 кандидати, од кои околу 53 проценти, односно 5.232 кандидати го положиле испитот, за разлика од порано кога процентот на успешност изнесуваше над 80 отсто.