Волерс: Народот не може да биде пасивен

Од:

Американскиот амбасадор Пол Волерс во емисијата “Патот кон“ на Алсат – M, посочи дека одземањето на мандатите на пратениците од опозицијата може во Македонија да создаде нови компликации и никој не сака да се случи тоа .

Коментирајќи ги најавите за т.н. политичка бомба на опозицијата, Волерс рече дека самата голема заинтересираност на граѓаните сведочи дека постои голема недоверба кон државните институции.

„Мислам дека со самото тоа што сите изгледаат заинтригирани, фасцинирани или сконцентрирани е знак дека луѓето можеби немаат доверба во системот, во спротивно нема да се занимаваат со ова прашање. Тие треба да знаат дека политичките лидери ù го посакуваат најдоброто на земјата и дека работат за доброто на земјата и исто така самите треба да бидат вклучени. Кога тоа не го чувствуваат, тогаш ги копкаат размислувања дека нешто се крие, дека има нешто што не знаат. Тоа е жална ситуација бидејќи значи дека луѓето целосно не му веруваат на системот. Што ќе се случи? Не знам. Мислам, се надевам барем и тоа што Заев ќе го направи, ако воопшто има нешто во рака и реакцијата што ќе следува, дека сепак ќе останат фокусирани на тоа што е најдобро за земјата, а не што е најдобро за една партија или група“, рече Волерс.

Политичарите, рече, треба да мислат на граѓаните, а не на нивните тесни интереси.

„Пред сè тие треба да мислат на доброто на земјата и да работат во таа насока. И граѓаните треба да барат одговорност од нивните лидери и важно е граѓаните да бидат активни во општеството преку граѓанските здруженија, невладините организации, политичкото вклучување за да можат да ги потсетат политичките лидери и ако има потреба да бараат од нив да го постигнат она што е од најдобар интерес за земјата. Народот не може да биде пасивен, треба да се вклучи. Една демократија не функционира додека граѓаните не се вклучени во неа ако и не го бараат тоа од нивните лидери. Или да гласаат за некој друг“, рече Волерс.

Што се однесува до прашањето за името амбасадорот Волерс повтори дека се преговара само за менување на името, но не и за промена на идентитетот на Македонците.

„Никој не може да ви го одрече вашиот идентитет. Вие сте тоа што сте, етничките Македонци се етнички Македонци и промената на името на државата нема да го смени идентитетот, едноставно ќе го сменува името на земјата. Мислам дека ако Македонците ја задржат насоката која ќе ги однесе кон иднината и не се грижат за минатото, ќе мислат на тоа што можат да бидат како Македонци во Република Македонија, а тие можности можат да бидат неограничени. Малите промени на името не го менуваат тоа што тие се. Јас сум Американец, па и да го смените името на мојата држава, јас и понатаму ќе бидам Американец. Нема да влијае на идентитетот и ние не сакаме да влијае на идентитетот“, истакна Волерс.

Би можело да ве интересира

Претседателскиот кандидат Џил Стајн е уапсена на протест против војната во Газа

(ВИДЕО) Пропалестинските протести се шират на американските универзитети, десетици уапсени

Бостонската полиција уапси 100 студенти на протестите против војната во Газа

Тројца повредени во торнадо во Небраска, стотици куќи оштетени

(ВИДЕО) Десетици торнада го погодија централниот дел на САД, има повредени

ВИДЕО: САД градат пристаниште за достава на помош во Газа

Катерина Ѓуровски