Амбасадорот на САД во Република Македонија, Пол Волерс позитивно го оцени продолжувањето на разговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на прашањето за името.
– Многу е добро што дијалогот продолжува. Тој вчера започна и продолжува денеска. Ова е прв состанок за овие неколку месеци, знаеме дека тој процес тече неколку години и не очекувам да се реши денеска. Но, добро е што тој процес, дијалог тече континуирано и ја има нашата поддршка, изјави Волерс.
Прашан дали е оптимист за разговорите за решавање на прашањето за името, Волерс потенцира дека не верува оти ќе се реши денес или утре.
– Не верувам дека по 20 години ќе се реши денес или утре. Но, добро е што продолжува дијалогот, откако беше во прекин неколку месеци, рече Волерс, кој денеска на универзитетот „Гоце Делчев“–Штип одржа предвања на тема „Улогата на младите во градењето на подобра иднина“.
Тој изрази задоволство што штипскиот универзитет има псотигнато голем напредок во изминатите пет години, а особена чест му е, потенцира, што на студентите може да им каже дека тие се иднината на Македонија и на светот. Според амбасадорот Волерс, исклучително важно е доброто образование со цел да се добијат идните лидери кои ќе бидат и економските двигатели на земјава.