Водата за пиење загадена со арсен повторно ја бранува гевгелиската јавност

Од:

Пензионираниот лекар-офталмолог и поранешен советник во гевгелискиот Совет  Панде Кацарски, деновиве упати јавно писмо до медиумите и до советничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се иницира повторна расправа по квалитетот на водата за пиење од гевгелискиот водовод и присуството на арсен.

Во образложението на својата иницијатива тој вели дека ги има резултатите од земените и испитани примероци  вода од детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија во кои стои дека „нивото на арсенот во јануари изнесувало фрапантни 17,4 мерни единици, а максимално дозволени се 10. Децата таа вода ја пиеле можеби повеќе од половина година. Со години се обидувам да го решам проблемот со арсенот, но никој ништо не презема“, вели во своето писмо Кацарски.

Присуството на арсен во гевгелискиот водовод го утврди републичката Агенција за храна и вода, која со писмо од 18 октомври 2012 година констатирала дека водата од бунарите кај Моин покажуваат зголемено присуство на арсен, поради што ја забраниле за употреба, а на локалното Јавно комунално претпријатие „Комуналец“од Гевгелија му наложиле да обезбеди водоснабдување од друго бунарско подрачје.

Во ноември минатата година, на 63-та седница на Советот на општината,градоначалникот на советничко барање да се расправа по проблемот одговори дека загрозените бунари се исклучени од употреба веднаш по укажувањето на Агенцијата.

Сепак, Кацарски се сомнева во стореното поради последните податоци од Републичката агенција и испитувањата направени во јануари годинава.

„Има четири бунари од кои се зема водата. Водата во три бунари е загадена со арсен високо над максимално дозволеното присуство. Имам информации дека поради недостиг од вода во летниот период, градските власти повторно ги пуштиле во употреба сите бунари. Тоа е катастрофално за граѓаните на Гевгелија“, потенцира во своето отворено писмо Кацарски.

Интересот за квалитетот на водата за пиење што се употребува со градскиот водовод беше изнесен и при последната расправа по кварталниот извештај за работење на ЈПКД „Комуналец“, кој поради задоцнување на материјалите беше разгледуван на почетокот од јули, наместо во април, според годишната програма за работа на Советот.

Советниците се интересираа колку средства се вложени за подобрување на водоснабдувањето и на квалитетот на водата за пиење, со оглед на тоа што во финансискиот извештај на претпријатието стои дека 66,3% од средствата се потрошени за плати, 13,5% за потрошена енергија, 8,4% за амортизација и ревалоризација, 3,5% за суровини и материјали, а нема никаде евидентирани инвестирања.

Директорката на претпријатието, Убавка Вегова, призна дека тие немаат никакви инвестирања и одби да се расправа за квалитетот на водата за пиење, со образложение дека тоа е голема материја за која треба да се одвои посебна седница.

Поради ваквото молчење на општинските власти и на надлежното комунално претпријатие за така важна тема каква што е загаденоста на водата за пиење, јавноста со посебен интерес го очекува исходот од иницијативата на Кацарски: Дали советниците ќе успеат да ја вметнат состојбата со водата за пиење од градскиот водовод како точка на дневен ред на претстојата седница на Советот на општината закажана за вторник.

Инаку, арсенот е отровна материја и по долготрајнаизложеност на организмот предизвикува нарушувања на ДНК во човековото тело поради кршење на хромозоните, предизвикува леукемија и други видови канцерогени заболувања, според истражувањата на Светската здравствена организација. Локалните власти молчат и за порастот на канцерогените заболувања во општина Гевгелија со години наназад.

А.Д.

Би можело да ве интересира

Важно откритие на научниците: Пронајден доказ за постоење на вода на Марс, сместена длабоко во кората

Повлечена вода од хрватскиот пазар испорачана во соседството

Загубите на вода во државава 62-63 отсто, меѓу највисоките во регионот

Водовод го избриша известувањето дека нема да има вода во Скопје-било лага на неовластени лица

А1он

Подгответе се навреме: Утре речиси цело Скопје без вода или со слаб притисок

А1он

Дел од булевар „АСНОМ“ утре без вода

А1он