ВИДЕО: Епидемија на морбили во Скопје, воведена забрана за носење во градинка на невакцинирани деца

Од:

Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат утре.

Додаде дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината.

„Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина во градинките“, рече Филипче.

Од новите случаи има по еден заболен во Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром, а тројца во Бутел. Од сомнителните случаи двајца се во Аеродром, по еден во Центар, Бутел и Ѓорче Петров.

Осум од заразените се хоспитализирани на инфективна клиника и сите се со компликации со бронхопневмонија. Двајца се со потешка клиничка слика. Меѓу заболените има 8-месечно бебе и деца на возраст од 3,5 и 4 години. Има и еден возрасен на 31-годишна возраст.

Филипче додаде дека здравствените власти ја држат ситуацијата со малите сипаници под контрола и дека се прават увиди на сите пунктови за вакцинирање.

„Од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што е исклучително мала бројка“, рече Филипче.

Тој потенцира дека во Србија и Романија има епидемија на морбили и рече дека станува збор за исклучително опасна и смртоносна болест. Додаде дека во Србија починале 30 лица, а во Романија – 50.

Во Скопје во моментов се регистрирани 13 случаи на морбили, а се очекува потврда за уште 6. Филипче најави дека ќе се истражува дали педијатри им давале совети на родители да не ги вакцинираат децата со МРП до 3 годишна возраст.

Лекарите ја критикуваат антивакциналната кампања и апелираат да не се одложува вакцинирањето. Потсетуваат на законската одредба дека следуваат казни од 350 до 650 евра за невакцинирање.

Од Институтот за јавно здравје велат дека пред 1972 година имало епидемии со преку 1250 смртни случаи и над 12 илјади заболени, пред да се воведе вакцината.

Морбилите се сметаат за тешко заболување, може да предизвикаат тешко воспаление на белите дробови и менингитис.

Галена Николовска-Ризвановиќ

Би можело да ве интересира

Андоновска: Секој суспектен случај на морбили да биде пратен на Инфективна или во ИЈЗ

СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради ширењето на вирусот мајмунска сипаница

Во јуни 551 лице со овчи сипаници, памалку во однос на заболени во мај

Во дел од Босна и Херцеговина прогласена епидемија на морбили

А1он

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска