Во наредните месеци не треба да се очекува драматичен напредок во однос на прашањето за името, туку придвижување на процесот преку засилени контакти меѓу Македонија и Грција, истакна посредникот на ОН во спорот за името амбасадорот Метју Нимиц по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Тој додаде дека не дошол со нов предлог, туку разговарал за концептите на новата Влада за градење политика на добрососедство.
– За да се реши прашањето за името потребен е генерален прогрес на двете страни, односно тие да се ислушаат меѓу себе и да покажат отвореност, рече Нимиц.
Тој информира дека посетата на Атина која требаше да се случи по посетата на Македонија е презакажана заради активното учество на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во решавањето на кипарското прашање.
Амбасадорот Нимиц денеска во Скопје се сретна со премиерот Зоран Заев, а треба да разговара и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Засега нема најава за други средби на специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција со други лидери на политички партии.
Нимиц вчера имаше средба со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.