Досега освен за инцедентот во ОУ „Лазо Ангеловски“ кој се случи утринава околу 09 часот, кога едно лице на гласачкото место 2708 нападнало тројца припадници на полицијата, други поголеми инциденети засега не биле пријавени, изјави јавниот обвинител, Џељал Бајрами на денешната прес-конференција. Бајрами додава дека за сабајлешниот инцидент добил известување од МВР и дека во текот на денот обвинителството ја чека целата документација за случајот од страна на МВР.
„Секторот за внатрешни работи Скопје го извести обвинителството за извршено кривично дело, денеска во 9,20 часот во дворот на ОУ ” Лазо Ангеловски” во Скопје на гласачко место број 2708. Делото е извршено од едно лице кое нападнало тројца униформирани полициски службеници. Осомничениот е задржан во полициска станица. Во координација на Основното јавно обвинителство Скопје, СВР Скопје постапува за целосно документирање на настанот по што ќе ја достави целата документација со кривична пријава против осомничениот за сторено кривично дело Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 од Кривичниот законик“ изјави јавниот обвинител, Џељал Бајрами.
Комисијата за следење на евентуалните неправилности за време на гласањето на реферндумот постојано ги следи активностите поврзани со процесот на гласање, додаде јавниот обвинител, Џељал Бајрами и посочи дека обвинителството е во постојана комуникација со сите дежурни јавни обвинители во земјава, како и дека се во постојана комуникација со МВР. Јавниот обвинител додаде и дека посериозни неправилности немало на гласачките места на територија на Македонија.
Бајрами изјави дека обвинителството има сознанија за мал инцидент во Радовиш каде едно лице фрлало летоци, но надлежното обвинителство информира дека со ова дејствие е сторен прекршок, и во Штип, каде едно лице неовластено фотографирало. Фотографирано било лице кое носело храна на избирачко место, а лицето кое неовластено фотографирало е задржано во полиција на разговор, информираше Бајрами.
Во обвинителствата во Гостивар и Битола не се пријавени неправилности поврзани со процесот на гласање.
На електронската адреса на обивнителството додава Бајрами пристигнале окоу десетина поднесоци, кои се однесувале за помали неправилности, а седум или осум од поднесоците, додава обвинителот биле поднесени се од едно исто лице.