Министерство за труд и социјална политика до Владата ќе достави нов предлог закон за спречување и заштита од дискриминација, во речиси идентична форма во која беше усвоен во претходниот парламентарен состав, а беше укинат во мај од Уставниот суд поради донесувањето без потребното мнозинство од 61 пратеник.
Единствена измена е во начинот на избор на членовите на комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кои се предлага да ги бира комисија за селекција составена од седум члена, по два од власт и опозиција и три члена од граѓанското општество, наместо на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања.
-Не смееме да дозволиме грѓаните да бидат без заштита од дискриминација по кој било основ. Предлог законот го предлагаме во речиси идентична форма како онаа изгласана во Собранието и која беше усогласена со стандарди меѓународни. Тој доби позитивно мислење и од венецијанската комисија и граѓанските организации од областа на човековите права. Единствена измена е постапка и начин на избор на членовите на комисијата за спречување и заштита од дискриминација да се бира на транспрентен и отчетен начин по пример на членовите на ДКСК, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Според неа, и овие измени кои се вметнати во предлог законот се изработени во согласност со граѓанскиот сектор.
Овој закон, рече министерката Шахпаска, треба да воспостави принцип на еднаквост и заштита од дискриминација во остварување на човековоте права и слободи.
-Со него, се доближуваме до меѓународните стандарди од ОН и ЕУ, а нашите граѓани ќе добијат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува еднакви услови за развој на сите, рече министерката за труд и социјална политика.