Во Собранието почна општата расправа за ребалансот на Буџетот

Од:

Собранието денеска, на 47-та седница, ја почна општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2021 година во кој се вметнати и осумте амандмани кои беа усвоени на Комисијата за финансирање и буџет. Расправата може да трае најмногу пет дена.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, повисоки во однос на планот, а планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Во ребалансот е предвидено да има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, предложениот ребаланс на Буџетот ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети.

-Приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии, рече Бесими, образложувајќи го ребалансот на Буџетот пред пратениците.

Нагласи дека здравјето на граѓаните, здравата економија, како и здрави финансии и општество воопшто остануваат клучни приоритети за оваа година.

-Фискалната политика секогаш треба да даде одговор на реалните потреби, да го поддржи економскиот раст и развој, отворањето на нови работни места и подобриот животен стандард за граѓаните. Затоа основите цели на Буџетот за 2021 година се зајакнување на финансирањето на системот на здравствена заштита и зачувување на здравјето и животите на граѓаните, поддршка на економската стабилизација и поставување на темелите на солидно економско заздравување и забрзан раст, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евро-атлантските интеграции, истакна министерот.

Ребалансот, потенцира, е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користење на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените цели, како и посветеност во справувањето со пандемијата.

-Фискалниот стимул за стопанството и граѓаните продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Притоа, останува заложбата да инвестираме во трајни добра со фокус на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, земјоделството и заштитата на животната средина, рече Бесими.

Посочи дека приходите во Буџетот имаат одлична реализација. Од почетокот на годината заклучно со јуни 2021 година, како што кажа, се реализирани во износ од 101,1 милијарда денари што претставува 47,5 отсто во однос на планот и забележаа раст од 15,6 отсто во однос на тој период лани.

-Расходите исто така се реализираат редовно и навремено и се во рамки на предвидувањата и очекувањата. Заклучно со јуни 2021 година реализирани се во износ од 116,8 милијади денари што е 47,2 отсто во однос на годишно планираниот износ или раст од 3 отсто во однос на тој период претходната година, истакна Бесими.

Годинава, посочи, се очекува економијата да заздрави, при што растот е проектиран на 4,1 отсто.

-Во првите четири месеци од 2021 година размената значително се интензивира, извозот на стоки забележа номинален раст од 40,7 отсто, а увозот на стоки од 34,4 отсто. Податоците за индустријата покажуваат дека во март е прекинат падот на производството во претходните два месеца, а во април растот достигна 46,1 отсто, стапката на невработеност продолжи да се намалува и достигна 16 проценти, а платите забележаа просечен раст од 4 отсто, раст од 48,2 отсто е забележан и кај капиталните расходи во првите шест месеци во однос на тој период лани, рече Бесими.

Значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање, според него, ќе имаат инвестициите.

-Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8 отсто во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции. Потрошувачката, се очекува да забележи реален раст од 4 отсто, а растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3 отсто. Извозот се предвидува да забележи раст од 10,6 отсто, а увозот раст од 11 отсто на реална основа. Бројот на вработени е предвидено да се зголеми за 1 отсто, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5 отсто, додека стапката на невработеност да се намали на 15,8 отсто, прецизира Бесими.

Потенцира дека со ребалансот се обезбедени повеќе пари за капитални расходи, дополнителни средства за здравствениот сектор кои, како што кажа, директно придонесуваат во борбата против здравствената криза.

-Во насока на продолжување на мерките од претходните пакети со цел обнова на економијата и враќање на стапките на економски раст од пред настапување на кризата, се предвидени средства за мерки од петтиот и шестиот пакет дизајнирани за директна поддршка на стопанството и компаниите, средства за исплата на регрес на годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за државните институции и средства за ангажирање на образовани асистенти за деца со посебни потреби, рече Бесими.

Со ребалансот исто така се врши ограничување и сведување на минимум на несуштинските трошења кај буџетските корисници.

-Дополнително, согласно Фискалната стратегија 2022-2026 година, покрај подобрената структура на јавните финансии со зголемено учество на капиталните расходи, предвидена е и етапна фискална консолидација, преку намалување на буџетскиот дефицит како процентуално учество во БДП и тоа: 4,3 отсто во 2022 година, 3,5 отсто во 2023 година, 2,9 отсто во 2024 година, 2,5 отсто во 2025 година и 2,2 проценти во 2026 година, нагласи Бесими и додаде дека ребалансот е креиран во функција на остварување на стратешките приоритети, забрзување на економскиот раст, интеграцијата во ЕУ и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.

Проектираниот дефицит за 2021 година, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 37,2 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 6,1 милијарди денари, појасни, ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

-Како констатација произлегува дека преземените и планираните политики и мерки ќе доведат до забрзување на економскиот раст и ќе го зголемат потенцијалот на раст во домашната економија преку инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, животната средина, човечкиот капитал и дигитализацијата, потенцира Бесими.

Во своето обраќање пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека ребалансот на Буџетот е креиран стихијно и ќе ја зголеми сиромаштијата и единствено е во корист на елитата.

-Вака конципиран ребаланс дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата и ќе ја втруне државата во уште поголема сиромаштија и бесперспективност, рече Стојановски и потенцира дека ребалансот е креиран стихијно, неразвојно, без концепт и јасна визија и е поставен на неодржливи постулати.

Воедно, како што рече, е и без јасна стратегија која е насочена кон економски раст и развој.

-Со овој ребаланс ќе го добиеме најголемиот буџет досега 4,37 милијарди евра. Целиот буџет е поставен врз оптимистичкото очекување на стивнување на пандемијата во 2021 година што треба да донесе раст на БДП и економско заздравување со вакцинацијата на населението које е се освен масовна, рече Стојановски и додаде дека треба да се задолжиме со допонителни 183 милиони евра за да го покриеме предвидениот дефицит со ребалансот.

Апсолутно невозможна, според него, е и проектираната ставка на раст од 4,1 отсто во година која е погодена со пандемиски бран и постои опасност од нов есенски бран.

-Во првите три месеци има пад од 1,9 проценти, а брутоинвестициите се во минус од 16,6 проценти. Во наредните три квартали економијата треба да расте во просек од 6,1 процент за да може да го намали падот и да ја стигне стапката на раст од 4,1 проценти, рече Стојановски и додаде дека годинава сигурно ќе ја завршиме со дефицит од над 900 милиони евра.

Во реплика Диме Велков од СДСМ рече дека извозот во вториот квартал од годинава е 763 милиони евра и е зголемен за 140 отсто во споредба со минатата година и за 27 проценти во споредба со 2018 година.

Во индустриските зони, како што кажа, за 7 процените е зголемен бројот на вработени во споредба со 2020 година.

Седницата ќе продолжи по едночасовната редовна пауза.

Би можело да ве интересира

Џафери: Потребна е кредибилна европска перспектива за Западен Балкан, заснована на систем на заслуги

Ана Ололовска

Тројца амбасадори ќе ги претстават своите платформи пред собраниската Комисија за надворешна политика

Ана Ололовска

Џафери: Предлог-одлуката за формирање Анкетна комисија се враќа како неуредна, истата да се усогласи во рок од 15 дена

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Митрески: ВМРО-ДПМНЕ во Собрание блокира се што е во интерес на граѓаните

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Милошоски: Парламентарно мнозинство не сака Анкетна комисија за пожарот во Тетово

Ана Ололовска

Прекината седницата на собраниската Комисија за образование поради несогласувања за процедурални излагања

Ана Ололовска