Собранието, во рамките на денешната 104. седница, ја констатира оставката на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
Вицепремиерот Фетаи поднесе оставка на 1 јуни за што соопшти преку социјалните мрежи. Фетаи во објавата на „Фејсбук“ вели дека од функцијата заминува со крената глава и чиста совест.
– Ова е добро смислена одлука, донесена со уверување дека во моменталните околности е најправедниот и најдостоинствениот чекор. Во текот на овие две години имав чест и привилегија да ѝ служам на земјата, придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото. Им благодарам на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и соработуваа на ова патување. Дали сум целосно задоволен со постигнатото? Секако дека не. Секогаш има место за повеќе и за подобро. Но, дали работев со најголема посветеност да поставам цврсти темели на кои може да се гради понатаму? Без двоумење, да, наведува Фетаи.
Во оставката, тој изразува благодарност за укажаната доверба да ја врши функцијата вицепремиер за добро владеење, но додава дека во сегашните околности, повеќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност и од тие причини се повлекува од должноста.
На денешната седница, Собранието ја утврди потребата по скратена постапка да бидат донесени повеќе законски измени и дополнувања, меѓу кои законите за управување со конфискуван имот, електронски комуникации, судовите, Судски совет на Република Северна Македонија, технолошко-индустриските развојни зони, индустриските зелени зони, енергетската ефикасност, шумите, земјоделското земјиште, градењето и урбанистичкото планирање.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски пред пратениците истакна дека основна цел на Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, е унапредување и зајакнување на законската и институционалната рамка за управување, контрола и исплата на финансиската поддршка во земјоделството и руралниот развој, со посебен акцент на средствата од Европската Унија (во натамошниот текст ИПАРД). Потенцира дека со предложените решенија се обезбедува: зголемена ефикасност во постапките за одобрување и спроведување на мерките, јакнење на механизмите за контрола, вклучително и контрола на лице место, воспоставување појасни и поефикасни правила за санкционирање и поврат на средства, зајакнување на системската рамка за спречување на неправилности.
Заменик министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири при образложението нагласи дека основни цели на Предлогот на законот за дополнување на Законот за градење е усогласување со одредбите од Правилникот за урбанистичко планирање и одредбите од Законот за урбанистичко планирање, на тој начин што градбите со класа на намена„ Г4.7–Градби за чување и складирање дигитални податоци“ (дата центри) и градбите предвидени со урбанистички план за подрачја и градби од државно значење се предвидуваат како градби од прва категорија.
-Додека за градбите складишта на електрична енергија со цела пропратна електро-техничка опрема само за потребите и во склоп на постојни објекти за производство на електрична енергија од обновливи извори (ветерна, сончева и хидро енергија) се предвидува постапка за запишување во Агенцијата за катастар на недвижности, се со цел регулирање на имотно правниот статус на истите – рече таа.
Заменик министерката за транспорт во образложението истакна дека основни цели на Предлогот на законот за изменување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка е намалување на роковите при водење на постапките за градбите за производство и складирање на енергија, градбите за чување и складирање на дигитални податоци како и придружните објекти и инфраструктурата кои се неопходни за непречено функционирање на овие градби. Потенцира дека во делот на пренамена на земјоделското земјиште во градежно овој закон упатува на усогласување со Законот за земјоделско земјиште.
