Одѕивот на граѓаните за вакцинирање во Регионалниот центар за имунизација во Охрид е добар. Од стартот на вакцинирањето пред две седмици досега во Охрид се вакцинирале околу 13 илјади граѓани на Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево.
Директорот на Општата болница во Охрид Горан Балевски изрази задоволство од текот на процесот на имунизација и одѕивот на граѓаните.
Засега вакцинирањето во Пунктот во Охрид се одвива со кинеската вакцина „Синофарм“, а досега немало случаи на несакани реакции или компликации.
– Одѕивот е добар и најголем дел од пријавените доаѓаат да примат вакцина. Во еден ден неодамна имавме 1400 пријавени, а се јавија 1300. Дел не доаѓаат бидејќи го прележале Ковид 19, а има и такви кои бараат да се вакцинираат со друга вакцина, од разни причини, патувања и слично, но сметам дека сите треба да се вакцинираат затоа што само така ќе ја победиме пандемијата, изјави тој.
Имунизацијата покрај во салата „Билјанини извори“ во Охрид се реализира и во вакциналниот пункт на Здравствениот дом кој се наоѓа во Општата болница. Балевски е оптимист дека пандемијата полека ќе олабавува, а на тоа укажува и податокот што се регистрира постојано намалување на бројот на хоспитализирани лица во Ковид-центарот на болницата. Моментално таму има 30 пациенти што е неколкупати помалку споредено со изминатиот период кога капацитетите на Општата болница и на Кардиолошкиот завод беа максимално исполнети со ковид пациенти.