Петличковски: Шестмина вакцинирани со три дози починале во јануари, но анализите покажуваат дека трета доза штити од смрт над 95 отсто

Од:

Анализата на смртните случаи со Ковид – 19 кај нас покажала дека третата, бустер доза, штити од смртна последица над 95 отсто. Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски, објасни дека во статистиката има шестмина починати вакцинирани со три дози од вакцина за заштита од Ковид – 19, но сите биле со претходни заболувања.

„Оваа анализа од 1 до 31 јануари имаше за цел да ги подели ризиците за смрт и хоспитализација не само за вакцинирани туку и по основа на тоа колку време поминало од последната вакцинација. Ако поминал период од шест месеци од вакцинацијата ефектот не е ист како кај оние кај кои се поминати три месеци. Таму јасно стои дека над 97 проценти е заштитата на вакцината по основ смрт и над 91 отсто од хоспитализација, доколку се работи за вакцина примена во последни 3 месеци или целосна вакцинација со три дози. Трите дози даваат гаранција за заштита од смрт над 95 отсто, секако постои можност од лош исход и со три дози, но шансите се мали. Кај нас анализата покажа шест такви случаи, но сите биле со претходни заболувања. Еден, на 48 години имал карцином, петмина имале дијабетес, еден инфаркт и тројца обезност. Кај некои има и комбинирани состојби, не само едно туку повеќе претходни заболувања“, објасни претседателот Петличковски.

Резултатите од анализата, според Петличковски, јасно укажале дека треба да се поттикне вакцинацијата, но засега не се размислува третата доза да биде задолжителна.

„Кај нас само околу пет отсто од популацијата е вакцинирана со трета доза. Тука имаме дупка и тука ќе се насочиме во следниот период. Дали ќе биде задолжителна не знам, но вакцинацијата со трета доза ќе биде сила препорака“, рече претседателот Петличковски.

Портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ, објасни дека посебна препорака за трета, бустер доза ќе има за повозрасните. Тој најави централизирана кампања за поорганизиран пристап до граѓаните за вакцинација, а се размислува и за утврдување таргет групи, посебно оние со коморбидитети на ќе се однесуваат кампањите за вакцинација.

Комисијата на денешната седница донела препорака траењето на сертификатот по прележан Ковид – 19 место сегашните 45 дена, да трае 180 дена од датумот на ПЦР тестот и усвоила упатства за лекување од Ковид – 19 кои ќе бидат испратени до матичните лекари.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска