Во прилепската касарна „Мирче Ацев“ денеска пригодно беше одбележан 10 Април, Денот на артилериската единица и 25 – годишнината од формирањето, токму во касарната, на вториот мешовит артилериски полк.
На свеченоста присуствуваа командантот на Здружената оперативна команда, бригадниот генерал Зоран Милески, заменик командантот на Првата механизирана пешадиска бригада полковник Марјан Симоновски, команданти на единиците на АРМ, поранешни команданти на артилериските единици, претставници од Сојузот на борци, градоначалници на општините во регионот и претставници од јавниот и бизнис сектор во регионот.
Пригодно беше пречекано знамето на Баталјонот, а според командантот на артилерискиот баталјон, потполковник Ивица Цветковски чест е да се биде припадник на единица, која е дел од огнената поддршка на единиците на АРМ.
– Со одлука на претседателот на Македонија и врховен командант на вооружените сили 1-април е одреден за ден на артилерискиот баталјон, како датум кога е формирана првата артилериска единица во АРМ пред 25 години. Корените на артилеријата на овие простори се од Илинденското востание и црешовото топче, па се до осамостојувањето на Македонија и формирањето на АРМ. На денешен ден пред 25 години овде, во касарната беше формиран Вториот мешовит арилериски полк како прва артилериска единица на АРМ во која секоја година се обучуваа по четири генерации регрути, рече потполковник Цветковски.
Тој нагласи дека од 1997 до 2000 година функционираше школата за офицери, а во јули 2002 година со преструктуирањето на АРМ полкот беше трансформиран и од него беше формиран артилерискиот баталјон. Во 2006 баталјонот се дислоцираше во Велес, но со реактивирањето на прилепската касарна 2013 година, додаде,се врати во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.
– Покрај основната намена, да штити и дејствува во рамките на АРМ, единицата помага во хуманитарни мисии, а голем предизвик беше и бегалската криза кога помагаше баталјонот. Единицата успешно го помина циклусот на оценување од НАТО и доби највисоки оценки. Останува оваа година во октомври да се изврши ресертификација на оваа единица според НАТО-стандардите и да биде подготвена за учество во НАТО – мисиите, истакна потполковник Цветковски.
На свеченоста беа промовирани и унапредувања на поединци на единицата, а беше прогласен и најдобриот вод под водство на Сара Мишева.
Присутните на свеченоста ги разгледаа опремата и вооружувањето на артилеријскиот баталјон во прилепската касарна „Мирче Ацев“.